1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Помали даноци за повеќе туристи

ЖА/ард1 август 2013

Драстично намалување на ДДВ во Грција треба да доведе до заживување на гастрономскиот сектор. Во грчките ресторани и хотели од денеска важи намален ДДВ од 13 проценти, наместо досегашните 23 насто.

https://p.dw.com/p/19IOb
el SantoriniФотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/GettyImages)

Грчката влада преку намалениот данок на додадена вредност се надева на снижување на цените во рестораните. Намалувањето засега важи до крајот на оваа година. Во договорот потпишан меѓу Министерството за финанси и претставници на браншата, се споменува снижување на цените од пет до осум проценти. Баровите, рестораните и хотелите кои се придржуваат на оваа спогодба, тоа можат да го обзнанат преку истакнување сино-портокалов плакат. Критичарите меѓутоа се сомневаат дека властите ќе можат да вршат доволно контроли на намалувањето на цените.

Премиерот Андонис Самарас го најави првото намалување на данокот по војната пред две недели, но предупреди: ако цените не паднат според очекувањата, ДДВ повторно ќе биде зголемен на 23 проценти. Земјата ќе продолжи со реформи: „Ние нема да направиме ни чекор наназад“, истакна Самарас.

ДДВ беше значително зголемен во 2010 година, како една од мерките за возврат за примањето финансиска помош од страна на ЕУ и ММФ.

Министерството за финансии најави засилени контроли и во борбата против широко присутното затајување данок и во туристичката бранша во текот на ова лето. Даночните „грешници“ можат да „заработат“ и 48-часовно присилно затворање на нивните фирми, како што пишува весникот „Та неа“. За таков случај ќе биде истакната плаката со укажување: „Затворено поради затајување данок“.