1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција расправа за закон против расизам

Јанис Пападимитру/ Александра Трајковска6 јуни 2013

Во грчката влада, составена од три партии, се води жесток спор. Овој пат не за политиката за штедење, туку за спорниот закон за борба против расизам и односот кон се' посилните ксенофобични сили во земјата.

https://p.dw.com/p/18ivO
Фотографија: Reuters

Само во последните дванаесет месеци во Грција починаа тројца луѓе поради расистички напади, повеќе од 150 се повредени. На почетокот на мај „непознати“ со скршено шише нападнаа 14-годишен Авганистанец на улица во Атина и тешко го повредија. Само неколку денови претходно работниците на една грчка плантажа со јагоди со ловечко оружје стрелаа кон сезонските работници од Бангладеш, кога тие ја побараа својата заработувачка. Во меѓувреме, во парламентот 18-те пратеници на Златна зора засилено го покажуваат своето присуство. Во средата, на 29 јуни, десните радикали за првпат со факели маршираа низ центарот на Атина.

Griechenland Anhänger der Partei Chryssi Avgi
Златна зора има 18 пратеници во грчкиот парламентФотографија: picture-alliance/dpa

Според министерот за правда Антонис Рукпакиотис, грчкиот парламент одамна требаше да гласа за неговиот предлог за построг закон против расизам и построги казни за вербалните расисти, наци-симпатизерите и негаторите на холокаустот. Меѓутоа, само неколку денови откако предлог законот влезе во парламентот, левичарскиот политичар беше стопиран од конзервативниот шеф на владата Антонис Самарас.

„Постоечките закони се доволни“

Прво се кажа дека предлог законот би морало да биде преработен, потоа Самарас сакаше темата да ја повлече. Софија Вултепси, портпаролка на пратеничката група на конзервативната Нова демократија, смета дека во моментов воопшто не е потребнa промена на законот.

„Нашиот устав и важечките казнени закони се повеќе од доволни, за успешно да може да им се спротивставиме на расизмот и ксенофобијата, закони не ни недостасуваат“, тврди оваа конзервативна политичарка. Освен тоа, као што се вели, расизмот не бил најголемиот проблем на Грција, туку економската мизерија која трае веќе седум години. За тоа би морала да се грижи владата, вели Вултепси.

На забелешката дека расистичките напади во земјата сепак се проблем, грчката политичарка реагира повеќе одбивно: „Што сакате да кажете? Дека сторителите нема да бидат обвинети?“, се вознемирува Вултепси. Се нагласува дека има доволно закони во земјата и тие исто така се употребуваат. Спротивното се тврдело за Грција да биде дискредитирана во странство.  

Притисокот од странство може да помогне

Според грчките медиумски извештаи премиерот Самарас стравува од максималните барања во неговата партија, доколку во парламентот помине построг закон против расизам. Ако, на пример, негирањето на еден геноцид стриктно се казнува, тогаш конзервативните политичари ќе сакаат да се разјасни прашањето - дали некој кој ќе го негира геноцидот над Ерменците треба да оди во затвор. Дебата која може да предизвика надворешно-политички тензии.

Сега ескалира владниот спор во Атина: двата помали коалициони партнери - социјалистичката партија Пасок и Демократската левица, на која и‘ припаѓа и министерот за правда Рукпакиотис заеднички се залагаат за построг закон против расизам. Тие бараат и помош од странство: само со зголемен притисок од странство Самарас би бил подготвен на отстапки, појаснува Марија Јанакаки, пратеничка на Демократската левица. Постоечкиот закон „е надминат и затоа денес ни е потребен нов, опсежен закон“, нагласува Јанакаки.

Griechische Parlamentarier in Berlin Maria Giannakaki
Пратеничката Марија ЈанакакиФотографија: DW/P. Kouparanis

Мешаница во парламентот

Социјалистите и умерените левичари сега во парламентот се обидуваат да ги спојат силите и сакаат заеднички да изнесат предлог закон во парламентот. Освен ова, помалите коалициони парнери се обидуваат да се приближат и до радикалната левичарска опозиција, која пак најави сопствен предлог закон. Со тоа мешаницата би била комплетна: народните претставници ќе треба да бираат меѓу три различни предлози и ниту еден од нив нема изгледи да добие мнозинство. Со горчлив тон еден коментатор ќе забележи - ако десните радикали би имале само малку смисол за хумор, тогаш сигурно самите би предложиле закон против расизам. 

Во едно нешто конзервативците и левичарските партии се сепак единствени: само со промена на законот не може да се надмине расизмот. Повикано е целото општество во Грција, опоменува пратеничката Марија Јанакаки.

„Дебата за непријателството кон странците кај нас се' уште не се води и тоа итно треба да се промени“, предупредува политичарката.