1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција шест месеци на чело на Европа

Јанис Пападимитриу/ Зоран Јордановски 1 јануари 2014

Грција од први јануари го презема шестмесечното претседателствување со ЕУ. Земјата се бори со најдлабоката економска криза во својата понова историја, па сепак би сакала да биде „чесен посредник“.

https://p.dw.com/p/1AihL
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Атина има намера да се погрижи за стопански пораст и за социјална кохезија на Европа, како и за политиката на ЕУ во однос на бегалците. Меѓу приоритетите спаѓа и довршувањето на банкарската унија. Овие тежишта на европската политика до јуни годинава (2014) ги обелодени грчкиот премиер Андонис Самарас уште на почетокот на декември 2013. за време на една средба со претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо во Брисел.

Во однос на стопанскиот пораст владата во Атина дури може и да предничи со добар пример и позитивно да ги изненади партнерите во ЕУ: во 2013. Грција за прв пат по десет години прикажа примарен буџетски суфицит, а во 2014. наводно земјата зависна од меѓународната финансиска помош треба да ја надмине рецесијата и да се врати на патот на стопански пораст. Но, во тоа во моментов малку кој во Европа верува; по некој дури го поставува и прашањето дали на Грците не им е премногу и претседавањето со ЕУ, со оглед на безнадежната економска состојба дома.

Полирање на имиџот

Панајотис Лакајмидис, професор по Европска политика на атинскиот универзитет, смета дека Грција, и покрај кризата, ќе се погрижи за добро претседателствување и ќе работи за постигнување резултати. Грците сакаат со успешно претседателствување со Советот на ЕУ да си го поправат имиџот и да си ја вратат веродостојноста. „Убеден сум дека тоа ќе им успее“, вели професорот.

Таа увереност ја споделува и Силвана Рапти, социјалистичка европратеничка, која ја сметаат за човек од доверба на грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. На сомневањата во способностите на нејзината земја да може да се носи со обврските како претседавач, таа реагира речиси раздразливо. „Такви сомневања се искажани од злонамерност“, приговара политичарката од Атина и го наведува примерот на Белгија од 2010. година: „И белгиското претседателство мораше да се бори против такви задршки. Белгијците тогаш немаа влада, но остварија добро претседателство и нивната криза воопшто не влијаеше врз европските работи“.

griechische Eu-Parlamentarier Sylvana Rapti
Европратеничката Силвана РаптиФотографија: Privat

Надеж за социјална Европа

Атина по петти пат (по 1983, 1988, 1994 и 2003 година) го презема ротирачкото претседателствување со Советот на ЕУ. Во минатото Грција сакаше како ретко која друга земја да се заложи за една социјална Европа, но постигна скромни резултати. Уште во 1988. година тогашниот грчки премиер Андреас Папандреу вршеше притисок за донесување Европска социјална повелба, но тоа се случи дури по една година, кога претседаваше Франција. Во 1994. социјалполитичката агенда на Грција западна во втор план во фонот на застојот во преговорите за ширење на ЕУ кон север, во 2003. беше целосно засенета од ирачката криза и поделбата во Европа што ја предизвика таа.

Akropolis EU-Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во 2014. година грчкото претседателство со ЕУ повторно истакнува парола за социјална кохезија во Европа. Посебно внимание притоа треба да биде насочено кон програми за вработување на млади и нивното финансирање. Овој пат би можел да успее големиот потфат, верува европратеничката Силвана Рапти. Апелот за социјална Европа станува сѐ погласен, оние кои долго се опираа беа сѐ повеќе изолирани, аргументира таа. Зрело е времето за промена на политиката - не само во Грција погодена од кризата, туку и во богатите земји како Германија, Франција или Велика Британија луѓето во меѓувреме копнеат за една социјална Европа, верува Рапти.

ЕУ-претседателствто како чесен посредник

Но, Грците се исто така свесни и дека ротирачкото ЕУ-претседателство во изминатите години загуби од значењето и влијанието. Со реформскиот договор од Лисабон, кој стапи во сила во 2009. година, со Европскиот совет веќе не раководи ротирачки претседавач, туку постојан претседател, кој се грижи за континуитет на врвот на Европа. На тоа потсети во едно интервју и грчкиот министер за надворешни работи Венизелос кон крајот на ноември 2013. и призна дека ротирачкото претседателство во меѓувреме има ограничени комптетенции.

Професорот Лакајмидис сепак верува дека ротирачкото претседателство има можности за креирање како чесен посредник и како спојка во институционалните структури на Европа, за да можат Комисијата, парламентот и националните влади да се усогласат околу заедничка позиција. Грција нема да го злоупотреби претседателствувањето за да ги реши сопствените проблеми, уверува професорот по Европска политика. Во овој период ќе се дискутира и за ново регулирање на грчкиот долг, но тие две нешта немаат ништо едно со друго - „Тоа ќе биде европско, а не грчко претседателство“, вели Лакајмидис.

Prof. Panagiotis Ioakeimidis
Проф. Панајотис ЛакајмидисФотографија: DW/J. Papadimitriou

Бегалците ќе бидат тема

Професорот ги доживеа сите претседателства на Атина со ЕУ како советник во грчкото министерство за надворешни работи и како член на грчката преговарачка делегација. Во 2003 беше советник за европски прашања на тогашниот премиер Костас Симитис. Лакајмидис ги наведува како посебно тежиште во ова претседаетлствување политиката за бегалците и доселениците. И овде, според него, не може да се превиди напонското поле меѓу националните интереси и севкупното европско сфаќање.

„Во минатото грчките претседателствувања работеа врз упатството од Даблин, иако грчката влада не се согласува со таа регулатива, оти се плаши дека земјите од периферијата на Европа со тоа ќе ја преземат главната одговорност за бегалците“, вели професорот Лакајмидис. Тој не верува дека Грција на својата официјална агенда како претседавач ќе стави промена на документот од Даблин, но сепак може нешто да се подобри во актуелното регулирање - „на дневен ред се засилување на агенцијата за заштита на границите ФРОНТЕКС, како и консултации со нововоспоставената Работна група на ЕУ за Средоземјето“, вели атинскиот експерт за Европа.