1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ја злоупотребува европската солидарност

Б. Георгиевски/дипресе24 април 2013

Во пресрет на денешните средби во Берлин, шефот на македонската дипломатија Попоски во интервју за австриски „Ди Пресе“ ја обвини Грција дека ја злоупотребува својата позиција во ЕУ.

https://p.dw.com/p/18Lwc
Фотографија: AP

Грција не е заинтересирана за решение на спорот за името, вели во разговорот за „Ди Пресе“, македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски. Попоски денеска и утре е во Берлин на средби со шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, како и со претставници на сите поголеми политички партии во германскиот парламент. Се очекува Попоски да бара поддршка од германски соговорници за доделување датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ на јунскиот Самит.

Попоски смета дека главна пречка почетокот на преговорите е Грција, пред се’ поради незаинтересираноста на Атина да се најде решение за деценискиот спор.

„Македонија е заинтересирана за политичко решение за спорот за името. Но на грчка страна, ситуацијата не е јасна, меѓудругото и поради тоа што економската криза го одвлекува вниманието на тамошните носители на политички одлуки. Од друга страна, делува како во Атина да преовладува мислењето дека статус-квото за ова прашање е најдобро решение“, вели Попоски за „Ди Пресе“.

Дополнителен проблем, според Попоски, е што не само Грција, туку и цела ЕУ е преокупирана со економската криза, па оттука на Атина и е уште полесно да одолговлекува решението.

„Не забележувам никаква желба за преговори од другата страна. Грција ја има удобноста, како членка на ЕУ да се повикува на европската солидарност, и да ги блокира преговорите со Македонија“, вели македонскиот дипломат.

Mazedonien Deutschland Westerwelle Poposki
Никола Попоски и Гидо ВестервелеФотографија: MIA

На забелешка на новинарот дека од македонски аспект, можеби најповолна опција би била Грција да ја напушти ЕУ поради економските проблеми, Попоски вели дека тоа не е во интерес ниту на Македонија ниту на ЕУ. Според македонскиот министер, не претставува проблем ниту често споменуваниот „замор од проширување“ кај некои членки на Унијата.

„Во нашиот случај и не се работи за влез во ЕУ, туку за почеток на преговорите. Тие траат долго и се доста комплицирани, а конечниот збор секогаш го имаат земјите-членки на ЕУ“.

За Попоски не е докрај прифатлива идејата на шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд дека на земјите од Западниот Балкан треба да им се понуди влез во ЕУ во блок.

„За тоа треба да се дискутира. ЕУ веќе се согласи дека земјите ќе биде оценувани индивидуално и врз основа на објективни критериуми. Може да се учи и од грчкото искуство при нивниот влез во еврозоната: тоа се случи врз основа на политички мотивирана одлука, и покрај тоа што не беа исполнети условите. И сега другите земји членки на еврозоната ја плаќаат цената за тоа“, изјави Попоски за „Ди Пресе“.