1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ќе банкротира наесен?

ЕМФ/дпа/дпад/ртр/афп23 јули 2012

Грција, според медиумски извештаи во Германија, оди во банкрот. Најважните кредитори на Грција, пред се‘ Германија, не се подготвени да и‘ даваат на земјата нови кредити.

https://p.dw.com/p/15dKY
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според „Зидојче Цајтунг“, главните кредитори на Грција, нема да ставаат на располагање повеќе кредити од она што го предвидуваат сегашните рамки. Германскиот министер за економија Филип Реслер речиси и не верува дека Атина може да ги спроведе неопходните реформи за да остане во еврозоната.

И Меѓународниот монетарен фонд не сака да дава нови кредити, пишува весникот. Претходно истото го тврдеше и „Шпигел“. Според ваквите информации, ММФ сигнализирал дека не сака веќе да учествува во натамошна финансиска помош за Грција. „Шпигел“ наведува дека доколку ММФ не учествува во нови финансиски инјекции, како што бара владата во Атина, тоа ќе ја зголеми веројатноста од банкрот на Грција во септември. Магазинот се повикува на извори во Европската унија.

Грчката влада, според сопствени наводи, има тешкотии во спроведувањето на мерките за штедење во замена за меѓународна помош. „Зидојче Цајтунг“, повикувајќи се на берлински владини кругови, пак, од друга страна тврди дека е „незамисливо канцеларката Ангела Меркел уште еднаш да бара во Буднестагот согласност за трет пакет помош за Грција“.

Wolfgang Schäuble Vorstellung des Bundeshaushalts Bundespressekonferenz
Волфганг Шојбле: Нема давање повеќе време за реформиФотографија: AP

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле не сака да и‘ дава на Грција повеќе време за спроведување реформи и ја предупреди владата во Атина да ги спроведе мерките за штедење. „Ако има одолговлекување, Грција ќе мора тоа време да го надополни“, изјави Шојбле за денешен (23.07) „Билд“. Тој одбива да даде прогноза околу тоа дали Грција ќе остане во еврозоната или не и укажува дека треба да се сочека новиот извештај на Тројката, чии експерти неделава повторно доаѓаат во Атина. Извештајот на Тројката треба да биде објавен наесен.

Поради новите грижи околу можниот банкрот на Грција, вредноста на еврото падна на најниско ниво во последните две години. Изутринава (23.07.) едно евро се разменува за 1,209 долари.