1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ќе почека на новата помош

ЖА/дв/дпа/миа21 ноември 2012

Маратонската средба на министрите за финансии од земјите на еврозоната околу новата помош за Грција во износ од повеќе милијарди евра, ноќеска беше прекината без резултат.

https://p.dw.com/p/16n6n
Фотографија: Reuters

Разговорите ќе продолжат идниот понеделник, како што потврди и германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во Брисел. Во фокусот на 12-часовните советувања беше темата дали Грција може да добие нова финансиска инјекција во висина од најмалку 31,5 милијарди евра.

Во соопштението објавено утрово, Еврогрупата ги поздравува преземените чекори од страна на Грција за да ја исполни својата програма, но се додава дека ќе мора уште да се расправа за тоа какви активности ќе се преземат понатаму.

„Еврогрупата со задоволство истакнува дека сите претходни дејствија потребни пред оваа средба се исполнети на задоволителен начин. Ова се однесува на широкиот пакет реформи, како и на буџетот за 2013. година и амбициозната фискална стратегија на среден рок за 2013-16 година. Овие напори демонстрираат силна посветеност на властите за прилагодување“, се вели во пишаната изјава на министрите.

„Во овие околности, еврогрупата имаше долга дискусија и постигна напредок во идентификување на доследен пакет на веродостојни иницијативи насочени кон создавање на уште позначителен придонес кон одржливоста на грчкиот државен долг. Еврогрупата го прекина состанокот со цел да се овозможи понатамошна техничка работа на некои елементи од овој пакет.. Еврогрупата повторно ќе состане в понеделник на 26 ноември“, се додава во соопштението.

Поради непостигнатата одлука, помошта се‘уште не може да биде исплатена. Проблем претставува и финансиската дупка, која до 2014 година ќе изнесува околу 13,5 милијарди евра, а која настанува со одобрувањето на време од дополнителни две години за остварување на реформските цели на Атина. И шефот на Еврогрупата Жан Клод Јункер потврди дека грчката влада ги исполнила сите барања на кредиторите, а сега се работи за „технички“ детали. Без натамошна помош од меѓународните кредитори, на Грција и‘ се заканува банкрот.

Според документ подготвен за средбата, до кој дошле некои светски медиуми, долгот на Грција не може да се намали до 120 отсто од БДП до 2020 година, нивото кое е одржливо според ММФ, освен ако земјите членки на еврозоната не отпишат дел од нивните заеми за Грција.

Документот кој имал 15 страници и циркулирал меѓу министрите, утврдувал колку Грција е далеку од намалувањето на својот долг според целите поставени од ММФ, од ниво на сегашните 170 проценти од БДП.

Во документот се утврдени различни начини на кои Грција може да го намали долгот од сега до 2020. година, но се заклучува дека ништо нема да биде доволно без кредиторите од еврозоната да посегнат по своите имоти - нешто што Германија и другите членки рекле дека нема да биде легално.

Во документот се наведува дека грчкиот долг би можел да падне до 120 проценти од БДП две години подоцна - во 2022. година - без никакви загуби за земјите членки на еврозоната или со откуп на грчкиот долг од страна на сопствениците на обврзници од приватниот сектор.

Без никакви корективни мерки, според документот, грчкиот долг може да изнесува 144 отсто во 2020. година и 133 отсто во 2022. година.