1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките новинари во штрајк

АТ/дпа/миа28 мај 2012

Грчките новинари денеска (28.05) стапија во 24-часовен штрајк, изразувајќи го на тој начин незадоволството поради отпуштањата и нередовната исплата на платите.

https://p.dw.com/p/153Ph
Фотографија: DW

Грчките новинари ги напуштија редакциите за период од 24 часа во целата земја, за да протестираат против мерките за штедење и големите намалувања на платите, кои според нив им го уништуваат медиумскиот сектор.

Од утрово во 5 часот по средноевроско време, на радијата и телевизиите во Грција не се емитуваат вести и информативни емисии. Утре нема да бидат отпечатени весниците. На штрајк повика Сојузот на новинарите. „Мора да се одбраниме. Стотици колеги се невработени. Други со месеци немаат добиено плата“, изјави претседателот на Сојузот на новинарите Димитрис Тримис.

До неодамна во Грција, која има население од 11 милиони лица, имаше 11 тв-канали, 71 радио станица, над 22 национални весници и голем број неделни и месечни списанија. По почетокот на кризата во 2010 година, 30 проценти од новинарите се без работа, а многу весници како „Апогевматини“, „Елефтеротипија“ и неделниот финансиски весник „Космос ту епендити“, не се печатат поради намалената побарувачка.