1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките социјалисти утре го избираат Венизелос за свој лидер

17 март 2012

Грчките социјалисти утре (18.03.) го избираат министерот за финансии Евангелос Венизелос за свој нов лидер, што претставува обид да се избегне катастрофа на претстојните избори.

https://p.dw.com/p/14M97
Фотографија: dapd

Педесет и пет годишниот Венизелос се надева да профитира од договорот со приватните инвеститори, постигнат минатата недела, со кој се бришат повеќе од 100 милијарди евра долг, што на Грција и’ дава време да ги исполни дополнителните реформи потребни за идните заеми.

Но, ММФ ја предупреди синоќа Атина дека притисокот останува и дека земјата нема простор за грешки. Од таму укажуваат дека Грција се соочува со излез од еврозоната, ако странските кредитори не ја помогнат земјата. Фондот во четвртокот (15.03) одлучи за нов заем од 28 милијарди евра, а ден потоа и’ укажа на Грција дека може да си ги исполни зацртаните цели во кратењето на трошоците, ако се придржува до мерките за штедење, коишто вклучуваат намалување на минималната плата, како и кратење на пензиите и на 15.000 работни места во јавниот сектор.

Од ММФ велат дека ако имплементацијата оди бавно или ако не се спроведува целосно, тогаш „треба да се очекува подлабока рецесија и многу подлабока траекторија на долгот“.

Internationaler Währungsfond in Washington DC
Од ММФ оценуваат дека поради изборите постои политичка несигурност за спроведување на мерките за штедењеФотографија: picture alliance/dpa

„Политичките ризици, поврзани со изборниот календар, создаваат дополнителна несигурност за спроведувањето на политиките“, додаваат од ММФ.

Венизелос инсистира дека неговата цел е да победи на следните избори, кои официјално не се објавени, но се очекува да се случат кон крајот на април или на почетокот од мај. „Имаме пред нас криза во прогрес, којашто мораме да ја менаџираме“, рече минатата недела Венизелос.

Никој, освен Венизелос, не сака да биде лидер на Пасок

Професорот по право, школуван во Франција, кој е по потекло од Солун, истапува како кандидат за лидер на Пасок без да има противкандидат. На утрешното гласање ширум земјата треба да учествуваат 390.000 партиски членови, а повикани се да учествуваат и милиони приврзаници.

Пред формирањето на широката владина коалиција со Нова демократија во ноември 2011-та, Пасок се соочи со непопуларниот план на ЕУ и ММФ за економски спас, што ја однесе паритијата до најниските рејтинзи во нејзината 37 годишна историја.

Анкета спроведена вчера (16.03.) од дневниот весник Катимерини покажа дека Пасок се наоѓа на петото место со 11 проценти поддршка од грчкото население, што ја става партијата зад конзервативците, за кои се определиле 14 проценти од анкетираните. Истражувањето на јавното мислење покажало дека 25,5 проценти од населението ќе апстинира од гласањето на изборите. Она што е интересно е дека кандидатот за нов лидер на Пасок има поддршка од 30 проценти од анкетираните.

Автор: Александар Методијев/афп/ројтерс

Редактор: Симе Недевски