1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките ултрадесничари зад решетки

Јанис Папaдимитриу/ Жана Ацеска29 септември 2013

Грчката полиција ги уапси водечките членови на десноекстремистичката Златна зора, а обвинителството подигна обвинение против нив. Се предаде и вториот човек на партијата, Папас. Реакциите во земјата се поделени.

https://p.dw.com/p/19qEV
Фотографија: Reuters

Дури ни најголемите противници на Златна зора не очекуваа дека целото партиско раководство со лисици на рацете пред вклучени камери ќе биде одведено на сослушување во седиштето на полицијата во Атина. Државното обвинителство подигна обвинение против пратениците за учество во криминална организација и изврши претрес на партиските простории, приватните станови на уапсените политичари, па дури и на нивните бироа во пленарната зграда на грчкиот Парламент, досега беспримерна акција во грчката демократија.

Меѓу другото беа уапсени самиот шеф на партијата Николаос Михалолиакос, пратеникот задолжен за соработка со синдикатите, Јанис Лагос, портпаролот Илиас Касидиарис, а пратеникот Христос Папас, кој е втор човек во Златна зора, самиот се предаде денеска на полицијата. Уапсени се и уште 12 други лица. Од парламентарните избори во јуни 2012. година Златна зора е застапена со 18 пратеници во Парламентот.

„Кривично гонење поради дела, а не поради определби“

Поводот за полициската акција против десните радикали очигледно беше убиството со нож на грчкиот рапер Павлос Фисас во атинско работничко предградие на 18.09.2013. Извршителот беше фатен на дело и се декларираше за член на деснорадикалната партија, чии челници тоа го негираа. Оттогаш грчките политичари во секоја прилика истакнуваат дека државата не смее да толерира фашистички мотивирано насилство.

„Во едно демократско општество луѓето не смеат да бидат гонети поради определбите, туку поради делата. Но, криминалните активности на групи подготвени на насилство мора да бидат казнети“, изјави грчкиот премиер Андонис Самарас во интервју за атинскиот неделен весник „Аксиа“ неколку часа по полициската акција.

Најголем дел од коментаторите го поздравуваат одлучниот приод против Златна зора.

„Никогаш додега не сум се радувал толку кога ќе видам луѓе со лисици на рацете“, вели политичкиот аналитичар Јанис Претендерис за ТВ „Мега Чанел“. Против овие луѓе се применуваат токму правилата на демократијата, која тие всушност сакаа да ја укинат, истакнува атинскиот политиколог. Алексис Папахелас, директор на либерално-конзервативниот дневник „Катимерини“ е позитивно изненаден: „Не очекувавме да доживееме нешто вакво“, изјави тој за ТВ „Скај“.

Тој му искажа признание на министерот за јавен ред Никос Дендиас: „Тој врз себе презеде значаен ризик, зашто ни во самата влада не беа сите согласни со неговата тактика“.

Griechenland Neo-Nazi-Partei Goldene Morgenröte Chef Verhaftet
Уапсениот лидер на Златна зора, Николаос МихалолиакосФотографија: Angelos Tzortzinis/AFP/Getty Images

Законски стапици и ризици

Со оглед дека станува збор за полициска акција без преседан, не постојат јасни правила за односот кон десните екстремисти. Но, се чини дека е јасно дека засега не доаѓа во предвид законска забрана на Златна зора, покрај другото и поради тоа што во Грција не постои суд кој би можел да ја изрече. Од овие причини министерот Дендиас сака да ги користи постоечките кривични закони како правна основа и да ја квалификува Златна зора како криминална организација во духот на овие закони.

„Според мене, навистина постои фактичка состојба за таква квалификација“, смета уставниот судија Јоргос Сотирелис. Тој додава: „Тоа би значело дека членовите на оваа криминална организација не уживаат никаков имунитет, иако се избрани во Парламентот“.

Сепак оваа правна тактика крие и ризици, признава Сотирелис: „За на еден пратеник да му биде одземено пратеничкото место, мора да постои правосилна пресуда во последна инстанца против него, а тоа може долго да трае. Дотогаш тоа лице може да го задржи својот мандат“.