1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчки лекар во битка со државната политика на штедење

Николија Апостолу / Александар Методијев10 октомври 2013

Кардиологот Jоргос Викас, заедно со други 90 доктори и 140 волонтери, отвори бесплатна клиника за средната класа во Атина, во која нуди бесплатна медицинска и здравствена заштита во погодената со штедење Грција.

https://p.dw.com/p/19wzM
Фотографија: DW/D. Grathwohl

Во „Метрополитан комјунити клиник“, во населбата Хелиникон во Атина, чекалницата е полна со волонтери и телефоните постојано ѕвонат. Сите места се заземени. Некои од пациентите гледаат во подот, бидејќи се срамат. Тие не можат да си дозволат посета на лекар и мораат да дојдат во бесплатната клиника.

Докторот Јоргос Викас работи со волонтери во една од четирите простории. Тој и неговите колеги во моментов ја имаат една од најтешките задачи во Грција, помаѓајќи им на пациентите со рак да добијат пристап до медицински третман.

„Ова е пациентка која веројатно ќе го загуби животот, бидејќи била блокирана од националниот систем на здравствена заштита. Се работи за 36-годишна жена со две мали деца“, објаснува докторот додека и‘ го потпишува лекарскиот упат.

Жената и нејзиниот сопруг се невработени и неосигурани со години, па така нејзиниот рак не бил откриен.

Annahme mit Patienten Soziale Praxis Ellinikon Athen MKI Griechenland
Докторот се обидува да им помогне на сите на кои можеФотографија: DW/D. Grathwohl

„Некој треба да понесе одговорност за убиството на оваа жена“, вели Викас. „А, ако преживее, целиот живот ќе има здравствени проблеми. Не треба да имаме вакви злосторства какви што се случуваат, но за жал тоа во моментов е вообичаено во Грција“, додава докторот.

Од 2011. година илјадници неосигурани Грци се најдоа блокирани во националниот систем на здравствена заштита. Дотогаш државата обезбедуваше бесплатна здравствена заштита за сите. Но, по три години мерки за штедење поради должничката криза во еврозоната, хуманитарната криза станува се‘ поголема.

Блискост со општинските власти и критики за централната власт

Викас заедно со двајца други доктори, гневни и фрустрирани од тоа што гледале дека луѓето умираат поради немање пристап до здравствена заштита, ја создал клиниката. Групата решила да не се регистрира како невладина организација и да не прима донации во кеш. Лековите и медицинската опрема се единствената донација што докторите ја прифаќаат.

Не постои претседател или управен одбор, а сите одлуки се носат со гласање на генерален состанок, кој се одржува еднаш неделно. Сметките за комуналните услуги се платени од локалните власти, а канцелариите се сместени во пренаменет контејнер, кој го обезбедила општината. Во меѓувреме докторот не верува во „успешната приказна“ на грчката влада за справување со долгот на земјата.

„Ова е ’успешна приказна’ за владата и за премиерот Самарас, а за ова Германците треба да станат свесни. 36-годишната пацинетка со рак и две деца умира поради успешната приказна на Самарас, кој ја остави без третман. Ако ова е она што се нарекува цивилизирана Европа, тогаш јас не сум дел од неа. Кога владата ќе почне да размислува за хуманата приказна, тогаш ќе се согласам дека ова е успешната грчка приказна“, вели тој.

Vorrat am Milch und Windeln Soziale Praxis Ellinikon Athen MKI
Клиниката прифаќа донации само во лекови и опремаФотографија: DW/D. Grathwohl

Работење без осигурување

Триесет проценти од Грците кои работат немаат здравствено осигурување, и покрај тоа што законот бара од работодавачите да обезбедат здравствена заштита за персоналот. Но, при невработеност од 27 проценти, луѓето би работеле и за помалку од 200 евра и без здравствено осигурување.

Викас и група доктори создадоа тим со кој сакаат да ја предизвикаат владата во случаите во кои пациентите или починале или, пак, имаат тешки проблеми поради недостатокот на здравствена заштита. Тој во ноември во Советот на Европа во Стразбур ќе ги презентира наодите.

Стресот си го зема својот данок

Докторот прегледува по 30 пациенти дневно во јавната клиника, 15 во општинската клиника и во исто време се занимава со владата.

„Кризата во минатите две години ги промени сите аспекти на мојот секојдневен професионален и приватен живот. Работам многу повеќе и сум во постојана битка со Министерството за здравство. Но, тоа ми дава сила. Прво, бидејќи имам чувство дека ја извршувам својата должност како граѓанин и доктор, а второ, затоа што гледам дека на самоорганизираното општество не му треба институционална рамка за да функционира“, вели Викас.

„Причината зошто земав учество во оваа битка со сите заедно е затоа што сакам еден ден да видам дека во општеството преовладува античкиот грчки дух. Тој зацртува дека сите живееме во хармонија, почитувајќи се меѓусебно, без оглед на земјата на потекло, религијата или бојата на кожата“, нагласува грчкиот кардиолог Јоргос Викас.