1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчки луксуз во време на криза

Панајотис Купаранис / Александар Методијев31 март 2013

Додека цела Грција лелека поради рецесијата, најмалку на една фирма и’ оди се’ како подмачкано. Таа продава луксузни кревети и се шири во странство. Тоа не е единствен пример, иако мнозинството Грци крпат крај со крај.

https://p.dw.com/p/187Rp
Фотографија: DW/P. Kouparanis

Патики, џинс и бела ленена кошула – тешко дека некој на прв поглед би помислил дека Павлос Ефморфидис е еден од најуспешните грчки претприемачи. Павлос е одговорен за филозофијата на своето претпријатие Коко-мат.

„Патувам од земја до земја и на другите им раскажувам за историјата на фирмата Коко-мат. Бројките не ме интересираат. Искрено кажано никогаш не мислев дека Коко-мат ќе стане толку голема фирма. Ритамот на раст ми е пребрз и тоа некогаш ме излудува. Покрај тоа, морам постојано да патувам на отворања, на пример, во Сеул, за нас и таму луѓето да не‘ запознаат. Верувам во едноставни работи. Моето мото е – ако правиш мали работи, големите доаѓаат сами по себе“, објаснува Ефморфидис.

Pavlos Efmorfidis, Eigentümer von coco-mat
Павлос Ефморфидис - од спортски новинар до сопственик на фирма со 70 филијали во Грција и светотФотографија: DW/P. Kouparanis

Историјата на фирмата Коко-мат почнува пред 25 години

Тогаш 30-годишниот спортски новинар на плажата во близина на својот роден град на Пелопонез размислувал за тоа што од него уште во животот може да стане. Многу му се допаѓало да лежи на морската трева, така што дошол на идеја и на другите да им го пренесе тоа убаво чувство. Кога го составил концептот позајмил пари од роднини и пријатели.

Со потврда за сопствениот капитал од банката добил кредит од 300.000 евра. Искуствата со тој кредит мора да биле многу трауматични, бидејќи од тогаш веќе не земал кредит.

„Кога ќе го слушнам зборот банка - бегам. Станав добар тркач. Сите 70 филијали се отворени со сопствен капитал, односно преку работење со луѓето со франшиза, на кои работата им причинува задоволство. Всушност, ние немаме никаква врска со банките“, објаснува Ефморфидис.

Innenansicht der Filiale von coco-mat in Berlin
Салон на Коко-мат во БерлинФотографија: DW/P. Kouparanis

Филијали во земјата и странство

Фирмата Коко-мат има 40 филијали во Грција и 30 во странство. Меѓу нив 10 се во Кина, шест во Холандија, три во Шпанија, две во Германија. Половина од приходите од 75 милиони се остварува во странство. Покрај приватните лица, муштерии се и хотелите. Цената од 16.000 евра за ситемот кревети Тритон укажува дека Коко-мат цели кон купувачите со длабоки џебови.

Сепак, Павлос Ефморфидис смета дека цените не се високи, туку дека се соодветни. Три семејства ја собираат морската трева од областите на нејзино потекло, а партнерот од Шри Ланка, кој работи исклучиво за Коко-мат, испорачува природен каучук и влакна од кокос. За душеците се користат коњски влакна, необработувано тврдо дрво, а памукот се одгледува на сопствени полиња. Единствено ленот и волната се купуваат на слободниот пазар. Но, тоа и не би морало да биде така, барем кога станува збор за волната.

„Се надевам дека и во Грција наскоро ќе се отвори фабрика за перење на овчјата волна. Се работи за околу 11 милиони килограми волна. Ако некој не‘ слушне, кој е заинтересиран – пет евра е продажната цена, а 11 милиони килограми волна се фрлаат секоја година во Грција. Станува збор за сума од 55 милиони евра, кои би можеле да останат во земјата“, нагласува грчкиот претприемач Павлос Ефморфидис.