1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г20 - прекрасна околина за тешки теми

Хенрик Беме / Александар Методијев5 септември 2013

Санкт Петербург, руската метропола на Балтичкото Море, е подготвена за самитот на Г20. Загриженост постои за конфликтот во Сирија, како и за состојбата со светската економија.

https://p.dw.com/p/19c5I
Фотографија: Reuters

Во пет милионскиот град Санкт Петербург е роден рускиот претседател Владимир Путин. Неговото родно место е веќе расчистено за средбата на претставниците на 20 водечки индустриски и земји во развој. Единственото нешто што не се вклопува во гламурозните кулиси се тешките теми, односно состојбата во светот.

Сирија ги менува сите теми?

Се чини како да има некое проклетство - кога во 2006 година индустриските земји од Г8 се сретнаа на самит во Санкт Петербург ескалираше конфликтот на Блискиот Исток. Тогаш со борбата меѓу Израел и Хезболах започна Либанската војна. Земјите од Г8 во голем дел беа согласни да се изјаснат за конфликтот. Но, на крајот имаше сувопарен документ, а војната зеде замав. Сега постои опасност нерешениот конфликт во Сирија да го одреди дневниот ред на состанокот.

Секако дека домаќинот Владимир Путин сака тоа да го спречи. Всушност и не е можно земјите од Г20 да дојдат на една линија, на заеднички позиции, бидејќи на масата на состанокот на Г20 седат Русија, Кина, САД, Велика Британија и Франција - петте земји со право на вето во Советот за безбедност на ОН. Тука е и сирискиот сосед - Турција, која заговара воен напад, како и блискоисточната регионална сила Саудиска Арабија. Како врв на се’ се драматично заладените односи меѓу Владимир Путин и американскиот претседател Барак Обама, што беше видливо и на последниот состанок на Г8 во Северна Ирска. Тие уште повеќе се влошија и со аферата Сноуден.

G20 Gipfel in St. Petersburg
Салата во која ќе се одржува самитот на Г20 во Санкт ПетербургФотографија: picture-alliance/dpa

Проблематични односи меѓу супер силите

Пред самитот беше планирана посета на Обама на Москва, но таа беше откажана од страна на Белата куќа, за американскиот претседател вчера (04.09.2013) да се сретне во Стокхолм со лидерите на нордиските земји. Досега ниту Белата куќа, ниту Кремљ даваат некаков сигнал дека Путин и Обама на маргините на самитот на Г20 ќе се обидат да најдат заеднички јазик.

Strassenszene aus St. Petersburg mit G20-Logo
Ќе дојде ли до затоплување на односите меѓу Путин и Обама во Санкт Петербург?Фотографија: Russian Presidency of the G20

По жестоката реторика во изминатите денови на тема Сирија, рускиот претседател, во едно интервју за новинската агенција Асошиетед прес и рускиот телевизиски канал Прва, јасно изјави дека доколку американскиот петседател донесе убедливи докази за употреба на смртоносен гас од страна на сириската влада, тогаш тој би бил подготвен да размисли одново на оваа тема и да се согласи за воена интервенција под мандат на ОН.

Иако се чини дека темата Сирија ќе доминира на самитот во Санкт Петербург, сепак и економските теми се на дневен ред на 24-часовниот самит, бидејќи состојбата со светската економија е далеку од задоволителна, така барем стои во нацрт-верзијата од завршната декларација. Иако може да се забележи заздравување на економијата, сепак и натаму се видливи ризиците кои се провлекуваат, а видливи се и нови ризици. На последниот самит, пред една година во Лос Кабос, еврокризата беше во фокусот. Сега американската економија се опоравува, а ММФ оцени дека и во еврозоната има позитивен тренд.

Демонстрантите немаат шанси

На самитот ќе има многу теми за шефовите на држави или влади. Набиениот дневен ред речиси и да не остава простор за дебати. На самитот треба да се донесе акционен план на Г20 за економски раст и работни места. За време на вечерата би требало да стане збор за развојни теми, бидејќи групата сака да усвои нова стратегија во тој дел. На крајот ќе се дебатира и за темата светска трговија и, како и секогаш, ќе се побара да не се преземаат протекционистички мерки за заштита на сопствената економија.

Vorberichterstattung Sankt Petersburg - 5.-6.September G20-Gipfel
Пристапот ќе им биде отежнат и на бродовитеФотографија: DW/Böhme

Рускиот претседател Путин добро ќе ги заштити своите гости. Од целата земја дополнително се донесени 4.000 полицајци. Патот до палатата Константин е херметички затворен, меѓународните аеродроми се затворени, а отежнат ќе им биде патот во морето на малите бротчиња. Се’ со цел да се спречат несакани натрапници.