1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г7 задоволна од развојот на светската економија

2 октомври 2004

Министрите за финансии и престедателите на Централните банки на седумте најголеми индустриски земји во светот, на советувањето што се одржува овој викенд на Годишната средба на Меѓународниот монетарен фонд, можат да бидат задоволни – по една година слабост, светската економија во моментов е повторно во голем полет.

https://p.dw.com/p/AeQF
Зградата на ММФ во Вашингтон
Зградата на ММФ во ВашингтонФотографија: IMF

ММФ проценува дека порастот во светот годинава ќе изнесува 5%, а во наредната година треба да се зголеми уште за 4,3%. Тоа би бил најголемиот пораст на конјуктурата во светот во последните 30 години. Но, ниту еден полет не е без ризици. Главниот ризик, за германскиот министер за финансии, Ханс Ајхел, е можноста од големо зголемување на цените на нафтата.

За големиот пораст на цената на нафтата, во изминатите три месеци, се виновни главно три фактори. Прво, во делот на побарувачката има структурни одлагања. Жедта за нафта на Кина и Индија не е препозната навреме и не е вкалкулирана во цените. Тоа по ирачката војна се промени – тогаш порасна побарувачката и политичкиот ризик заедно со неа. Освен тоа, тука е и не вистински препознатиот ангажман на Хеџ-фондовите, кои го користат пазарот на суровини за нивните шпекулации. Германскиот министер за економија, Ханс Ајхел, смета дека ММФ треба да внесе поголема транспарентност во пазарот на нафта и со тоа да стави крај на постојаното растење на цените поради шпекулациите на цената.

Постојан и голем пораст на цените, би бил огромен товар за светската економија. ММФ смета дека ако нафтата порасне за пет долари по барел, тоа ќе значи амортизација на порастот на светската економија за 0,3%.

Притоа, Германија е уште и во поволна ситуација, со оглед на тоа што со штедењето во енергетиката во изминатите две децении, како и со создавањето алтернативни енергии, се успеа да се постигне разделување на економскиот пораст и енергијата. Освен тоа, тука е порастот на курсот на еврото во однос на доларот, што го држи порастот на цените во определени граници. Околу влијанието на цената на нафтата врз зголемувањето на цената во Германија, Ајхел во Вашингтон изјави:

”Досега не може да се забележи стапка на инфлација во Германија. Тука курсот на еврото е од помош. Тука не гледам опасност. Проблемот постои во две работи – што мислат луѓето кога на бензиските пумпи полнат бензин и кога назима треба да ги платат сметките за греење. Тоа, се разбира, ги плаши потрошувачите и ја смалува потрошувачката.”

Претседателот на Бундесбанката, Аксел Вебер, укажува на тоа дека по силниот пораст на нафтата во седумдесетите години, цената во последните години е релативно стабилна и, во однос на другите цени, пораснала значително помалку. Ајхел посакува и другите земји да стават рај на расфрлањето на енергијата и да ги користат можностите за штедење на енергијата. Во Кина, каде во последните години економскиот пораст е експлозивен, се почна со штедење. Најголемиот потенцијал за намалување на потрошувачката на нафта, сепак лежи во Америка. Ајхел вели:

”Би било многу пожелно кога во Америка , како во меѓувреме во Кина, би пораснала свеста за местото на енергијата, зашто потрошувачката на енергија во Америка по глава е драматична. Тоа не можеме да си го дозволиме. Тоа не е само американска тема, туку светска тема.”