1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Давид го совлада Голијат

18 јули 2011

Во драматичното финале на Светското првенство во фудбал во женска конкуренција, Јапонија на пенали ги совлада фаворизираните САД. Јапонките на двапати беа во негатива, но успеваа да се вратат во мечот.

https://p.dw.com/p/11yuk
Фотографија: dapd

Голманката на јапонска селекција успеа да одбрани два пенали на уморните Американки и со тоа да ја одведе својата репрезентација до најголемиот успех во историјата.

Синоќешното финале во Франкфурт имаше се’ што може да се посака од еден ваков меч. Голови, пресврти, драматичност и победа на аутсајдерот. На двапати Јапонките беа во негатива, и на двапати се враќаа во последен момент.

Американките воопшто немаа лош ден, напротив. Напаѓаа од првата минута на мечот, создадоа безброј изгледни шанси за гол, беа подобар противник. Јапонките се спротивставија со срце и никогаш не се предадоа.

САД поведоа со голот на Морган во 68-та минута. Израмнувањето дојде во 81-та. Следуваа продолженијата, во кои американките повторно беа надмоќни и успеаја да поведат во 104-та минута, но конечните 2:2 следуваа во 117 минута.

Во пенал рулетот, Јапонките беа далеку посмирени и посигурни во себе, и тоа им ја донесе првата светска титула. Претходно во натпреварот за третото место, Шведска ја победи Франција со 2:1.

Женскиот фудбал брзо напредува

Japan Weltmeister Frauenfußball 2011 Flash-Galerie
Најдобрата фудбалерка на првенството Хомаре Сава и селекторот на јапонскиот тим Норио СасакиФотографија: picture-alliance/Sven Simon

Иако репрезентацијата на домаќинот, Германија се прости од турнирот релативно рано, уште во четвртфиналето, Германците сепак продолжија со несмален интерес да ја следат фудбалската фешта. Не само што на финалето во Франкфурт имаше 49 илјади гледачи, туку рекорди се уриваа и на германската државна телевизија, која го пренесуваше спектаклот.

Експертите се согласни дека првенството беше на високо спортско ниво. На шампионатот немаше апсолутни аутсајдери, ниту астрономски победи. Најдобра техника демонстрираа Бразил, Франција и Јапонија, а општа констатација е дека на кондициско ниво, женскиот фудбал станува се’ побрз, подинамичен и поостар.

Автор: Ј.Крепела/А. Бечер/БГ

Редактор: Александра Трајковска