1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Давитковски се повлекува од челната позиција на Комисијата за 24 декември

АТ/ макфакс19 јули 2013

Претседателот на Комисија која требаше да ги истражи собраниските настани од 24 декември Борче Давитковски поднесе оставка оти не успеал да обезбеди мнозинска поддршка од членовите за препораките.

https://p.dw.com/p/19AYA
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Комисија формирана да ги истражи собраниските настани од 24 декември, остана без претседателот Борче Давитковски, кој во четврток попладне поднесе оставка.

Давитковски, оставката од функцијата ја поднесува поради тоа што не успеал да обезбеди мнозинска поддршка од членовите за препораките и заклучоците што ги подготви во соработка со двајцата експерти од Европската унија.

Неговите препораки предвидуваа одговорноста за инцидентите да биде поделена и тоа власта да биде одговорна за исфрлањето на новинарите и пратениците од собраниската сала, а опозицијата да биде одговорна за блокирањето на работата на Собранието.

Оставката му е врачена на претседателот на државата Ѓорге Иванов, под чие покровителство беше формирана Комисијата, а беше услов од политичкиот договор од први март со кој се постигна учество на опозицијата на локалните избори.

Покрај Давитковски, во Комисијата членуваат  и професорите Рената Десковска-Тренеска и Љубомир Данаилов Фрчкоски , предложени од СДСМ, и пратениците Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ

Комисијата има уште еден месец рок да донесе заклучоци, но со оглед на фактот што остана без претседател, најверојатно ќе биде предложена пауза од 10 дена, во кои би требало да се консолидира.