1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали бугарските европратеници навистина ја поддржуваат Македонија во евроинтеграциите?

24 ноември 2011

На европратениците од Бугарија јавноста во Македонија се’ почесто гледа како како на „ нова пречка“ на патот кон ЕУ. Европратеникот Андреј Ковачев го демантира тоа, но бара прекин на селективното читање на историјата.

https://p.dw.com/p/13GHU
Бугарскиот европратеник Андреј КовачевФотографија: DW/Toni Glamcevski

Впечатоците кои ги има македонската јавност потекнуваат пред се’ од расправите и предложените амандмани од страна на бугарските европратеници во извештаите посветени на напредокот на Македонија. На пример, Андреј Ковачев и Димитар Стојанов, сметаа дека во извештаите мора да се спомене дека од  Македонија „ се очекува да се најдат заеднички прифатливи решенија за отворените прашања со соседите“.

Тие заедно со Евгениј Кирилов бараа од македонската влада да преземе мерки за да се обесхрабри говорот на омраза кон соседните земји- членки на ЕУ, особено во медиумите и во учебниците. Потоа истите тие посакуваат заеднички празнувања на историски настани со соседните земји- членки, кои придонесуваат за подобро разбирање и добрососедство. Димитар Стојанов, Станимир Илчев и Надежда Нејнски, бараат да се гарантираат правата на лицата со „бугарско етничко потекло“.

Бугарските европратеници се за брзо влегување на Македонија во ЕУ

На европратеникот Андреј Ковачев од редовите на Европските народни партии и демохристијани, Дојче Веле директно му го постави прашањето: - Дали Бугарија и бугарските европратеници се навистина новата пречка на Македонија на патот кон ЕУ?

Symbolbild Mazedonien Bulgarien Fahnen Flaggen
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

„ Напротив, Бугарија и бугарските европратеници секогаш го искажувале мислењето дека Република Македонија треба, колку што е можно побрзо да стане дел на европското семејство. Бидејќи сите проблеми кои доаѓаат од минатото можат да бидат решени само преку европската интеграција, кога границите ќе станат симмолични како во Западна Европа, кога животниот стандард од двете страни на границата ќе се изедначи и ќе стане скоро еднаков. Тогаш недоразбирањата ид минатото и различното сваќање на минатото ќе исчезнат и народот ќе гледа во европската иднина“ ,ни одговори Ковачев.

Тој се надева дека во Македонија постои политичка волја за да бидат надминати некои од разликите со Бугарија.

„ Така, како што повикува резолуцијата на Европскиот парламент да има заедничко празнување на нашата заедничка историја, да има заедничко читање на историјата и да не се всадува омраза и да не се манипулира со историјата преку сите видови на медиуми и учебниците, бидејќи тоа не е провокативно само кон Грција за античката историја, туку и кон Бугарија за средновековната и поновата историја.“

Бугарија нема проблеми со независноста на Македонија, туку со интерпретацијата на историјата

Бугарскиот европратеник, тука веднаш нагласува дека Бугарија прва ја признала независноста на Македонија и дека таа нема проблеми ниту со нејзината независност, ниту со граѓаните на Македонија.

„ Но има проблем со интерпретацијата, односно манипулацијата на историјата. Во лицето на бугарските европратеници во ЕП, македонските граѓани треба да гледаат само сојузници на патот кон евроинтеграцијата. Ние се надеваме дека владеачката партија, опозицијата и медиумите во Македонија ја сакаат таа европска интеграција и сакаат да го покажат европскиот дух и начин на  читање на историјата.“

Придавката „македонски“ спротивна со воспоставена методологија на ЕП и ЕК

Андреј Ковачев, воздржаноста на тројцата бугарски европратеници на текстот на заедничкиот документ на Мешовитиот комитет ЕУ- Македонија, околу користењето на придавката „македонски“ ја оправдува на следниов начин:

„ Ние, тројцата претставници од Бугарија, гласавме воздржани, за да не го блокираме усвојувањето на препораките на Мешовитиот комитет, бидејќи, ако ние гласавме против тогаш тие не ќе беа усвоени. Ние не сакаме да го разочараме мнозинството на граѓаните на Македонија од кои над 80 насто ја посакуваат европската интеграција, ние сакаме да им помогнеме. Вистина е дека во декларацијата по барање на македонската страна беше внесена реченица која беше во спротивност со методологијата на Европската комисија и Европскиот парламент, која се практикува од 2008 година околу некористењето на терминологијата „македонски“. Јас и моите колеги сметаме дека не можеме да ја промениме методологија со таа препораката и на тој начин да ја критикуваме работата на Европската комисија. Тоа може да биде променето само во дијалогот меѓу Атина и Скопје и изнаоѓањето на целосно решение за проблемот со името“.

Во Македонија историјата се чита „селективно“

Бугарскиот европратеник смета дека во Македонија историјата се чита „селективно“ и дека со тоа на еден начин се води антибугарска политика, тука тој го наведува филмот „Трето полувреме“,  запрашувајќи се „зошто македонските режисери не снимаат филмови посветени на српската окупација на Македонија, за затвораните на Голи Оток и за оние кои се изјаснувале како Бугари во Македонија“.

Jose Manuel Durau Barroso spricht vor dem Europäischen Parlament
Пленарната сала на Европскиот парламент во БриселФотографија: picture alliance/dpa

Ковачев во текот на целото интервју зборуваше за македонските граѓани, но ниту еднаш не изусти македонски народ.

За македонскиот јазик постојат спротиставени позиции

Кога Дојче Веле го запраша  дали еден ден може да се случи официјална Бугарија да го признае постоењето на македонскиот јазик и со тоа да се отстранат некои сомневања во Македонија за искреноста на Бугарија, поради непризнавањето од страна на бугарската научна јавност и од бугарската држава на македонскиот јазик, со што ќе се направи чекор кон „помирување“, Андреј Ковачев ни одговори:

„ Не би сакал да коментирам за тоа кој каков јазик е. За жал, мислењата се спротивставени од двете страни на границата. Научив дека МАНУ излезе со став дека Македонскиот јазик е основата на сите словенски јазици во Европа, бугарската наука има друго мислење. Се разбира ние признаваме дека секој јазик може да се развива понатаму врз основа на регионални дијалекти, посебно кога има изолација на одредена област. Иднината е отворена и се надеваме дека ќе покажеме разбирање, но тоа нема да се случи ако нема желба за компромомиси и наметнување на една или друга теза... Сакам исто така да кажам дека никаде не е димпломатска практика да се признаваат атрибутите на власта, а камо ли јазиците... Сепак најголемиот проблем е интерпретацијата на историјата... Кога се следи тоа што се случува, гледам со жалење еден национализам, кој не знам на што се должи. Убаво е да се прават монуметнтални градби и триумфални порти, да се подигаат споменици на македонските херои, но кога тие се прогласуваат само за македонски како Цар Самоил, Гоце Делчев, Даме Груев, Кирил и Методиј, не зборувам за античката историја, тоа е исклучително провокативно, и колку да сме толерантни и солидарни тогаш треба да одговориме на тие провокации. Национализмот никогаш не довел до ништо добро. Македонскиот национализам кој сега се проповеда, за жал,  од нашата сестринска партија сметам дека не е правилниот европски пат, кој може по најбрз пат да ја доведе Македонија во ЕУ“, завршува бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во разговорот за Дојче Веле.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Симе Недевски