1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сигурна валута?

Спенсер Кимбал/ Симе Недевски21 октомври 2013

САД во последен час успеаja да избегнaт фискална криза. Но постигнатиот договор е само привремено решение. Ризикот од конфликти и натаму постои, а на коцка е ставена улогата на националната валута на светскиот пазар.

https://p.dw.com/p/1A2cX
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Откако заврши Втората светска војна, американскиот долар уживаше углед на сигурна валута зад која стои моќната американска економија. Меѓународните инвеститори во тешките времиња бараа сигурност во доларот. Но Вашингтон денес не изгледа толку сигурно. Демократите и републиканците успеаја да постигнат договор, но дури во последен момент. Нивната неспособност навреме да постигнат компромис предизвика „гаснење“ на централната влада за првпат во 17 години. Уште поважно, политичарите поради партиски интереси ризикуваа банкрот на САД. Краткорочното подигнување на границата на задолжување кое ќе важи до февруари, не значи и крај на опасноста. И самата опасност од банкрот на САД летото во 2011. година беше доволна агенциите за кредитен рејтинг да ја намалат оценката за земјата. „Никој не знае како тоа може да заврши“, вели Аксел Мерк, претседател на фирмата „Мерк инвестиции“ за ДВ. „Ризикувавме со Леман и тоа заврши многу лошо, но мислам дека тоа не е ништо во споредба со она што би можело да се случи ако Америка навистина одлучи да не плати на време.“

Доларот мерило за се’

Symbolbild Geldsegen Dollar
Фотографија: Fotolia/Sergey Galushko

На врвот на својата моќ, непосредно по Втората светска војна, САД создаде нов финансиски поредок врз основа на либералните институции како што е Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка. Валутата на тој систем беше доларот, чија вредност е врзана за златото. Вредноста на сите други валути потоа беа поврзани со доларот, што ги направи американските пари резервна валута во целиот свет. „Америка може да позајми пари по поволни услови, бидејќи доларот е светска валута“, вели Бари Ајхенгрин, автор на книгата „Извонредна привилегија: Подем и пад и иднина на меѓународниот монетарен систем“, за ДВ. „Американските банки и фирми можат да работат преку граница во своја валута, што е многу практично“, вели Ајхенгрин. „И Америка така има сигурност. Кога некогаш нешто тргне наопаку, и во Америка и надвор од неа, и кога приходите почнат да опаѓаат, вредноста на доларот расте. САД се така изолирани од најлошите ефекти.“

Големина, стабилност, ликвидност

Ајхенгрин смета дека доларот има три единствени атрибути кои ги нема ниту една друга валута: големина, стабилност и ликвидност. Инвеститорите сметаа дека зад доларот стои американската влада која ги плаќа своите сметки. „Општо говорејќи - мислам на минатото- Америка беше разумно воздржана кога станува збор за својата фискална политика“, објаснува Аксел Мерк од „Мерк инвестиции“.

Уште поголема предност на доларот е неговата ненадмината ликвидност, односно тоа што доларите можат да се продаваат без преголема загуба на вредноста. „Инвеститорите најмногу ја сакаат ликвидноста, особено во криза“, вели Ајхенгрин. „Така можат да ги ротираат средствата, можат да бидат сигурни дека тоа нема да ја урне нивната цена. Пазарот на обврзници на Американските федерални резерви историски гледано, е убедливо најликвиден пазар на светот.“

Доларот е наш, а проблемот ваш

Но, како што вели Мерк, Американците повеќе не се фокусираат на квалитетот на својата валута. Во минатото, Вашингтон промовираше силен долар со помош на здравата даночна политика. Денес, политичарите само печатат пари. Мерк смета дека Америка токму со тоа им кажа на другите нации дека „доларот е наш, а проблемот ваш“. „Другите ќе го прифатат тоа, но ќе се обидат да најдат начин да се изборат со тоа со текот на времето“, додава Мерк.

Државите се обидуваат да ја намалат својата зависност од доларот. Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд 72 проценти од светските девизни резерви биле во американски долар во 2001. година. Денес, тоа е околу 62 проценти. Одделни земји се вртат кон еврото, канадскиот или австралискиот доалар, а Американската централна банка купува американски обврзници, со темпо од 85 милијадри месечно за да ја затвори дупката.

Dollarnoten
Фотографија: Fotolia/pioneer

„Зошто Централната банка мора да ги купува тие обврзници“, прашува Јозеф Брамл, претставник од Германскиот совет за надворешни односи. „Тоа е затоа што Кинезите и Јапонците повеќе не ги купуваат.“

Нема алтернатива

Сепак, доларот е и натаму важен, тврди Ајхенгрин. Иако САД имаат удел од 25 проценти во светската економија, 85 проценти од сите меѓународни монетарни трансакции се одвиваат во долари. „Зачудувачки е колку малку се случи како реакција на актуелниот проблем во Вашингтон“, вели Ајхенгрин. „Објаснувањето е, со еден збор - неверување. Никој во Европа или во Азија не верува дека политичарите во Америка се ненормални. Тие одбиваат да веруваат дека американскиот политички систем е толку дисфункционален што неодговорните политичари би можеле да ја доведат владата до банкрот.“ Моментално има малку други опции. Еврото е и понатаму разнишано од кризата, кинескиот ренминби (јуан) сѐ уште не ги освои во потполност светските пазари, а јапонскиот јен и натаму губи од вредноста. „Главната работа која е во полза на доларот е отсуството на вистински алтернативи“, тврди Ајхенгрин