1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е бојкотот вистинско решение?

Ги Хао19 март 2008

Жестоката интервенција на кинеските власти во Тибет разви и жестока дискусија за можен бојкот на олимписките игри во Пекинг. Поради политички несогласувања бојкот на игрите имаше и за време на студената војна.

https://p.dw.com/p/DRDt
Кина се подготвува за олимпијадатаФотографија: AP

На олимписките игри во Москва во 1980 година, под притисок на САД, триесет земји меѓу кои и Германија го откажаа учеството. Причина беше инвазијата на советските трупи во Авганистан. Четири години подоцна, кога домаќин беше американскиот град Лос Анџелес, олимпијадата ја бојкотираа 14 земји од источниот блок, меѓу кои и ГДР. Во денешниот глобализиран свет, оваа метода не изгледа соодветна.

МОК не е политичка институција

Дека Меѓународниот олимписки комитет не се смета за политичка институција, јасно кажува и Томас Бах, заменик претседател на МОК.

„МОК нема никаков политички мандат и никој од олимпискиот комитет не може да очекува да ги решава проблемите во светот, коишто генерации на генерални секретари на ОН, американски претседатели и германски канцелари не можеле да ги решат“.

Игрите остануваат политички обоени

Германија во 1936 година ја има доживеано истата дебата за бојкот на олимпијадата, како што сега се води за бојкот игрите во Кина. Кога националсоцијалистите тогаш дојдоа на власт, голем дел од јавноста се сомневаше дали ќе се задржи олимписката повелба во Германија и се бараше рамноправност за сите учесници, независно од нивната вероисповест или раса. Додуша нацистичкиот режим во последна минута го спречи бојкотот, но прифаќањето на олимписките вредности беше само декларативно. Сега и Кина сака да ги забошоти работите со нарушениот имиџ поради настаните во Тибет. Од друга страна, големите спортски настани може и да го забрзаат политичкото отворање на една земја, како што е примерот со Сеул во 1988 година. Резултатот беше либерализација на јужнокорејската внатрешна политика и признавање од другите социјалистички земји коишто претходно имале дипломатски односи само со Северна Кореја.

Олимписките игри во прв ред се спортски настан

Пред се, се’ работи за спортски натпревари и медали. Тешките политички ситуации пред спортистите го отвора прашањето на совеста, објаснува олимпиецот во веслање и долгогодишен член на ИОК, Роланд Бар:

„Можам да разберам кога се повикува на бојкот. Во моите гради чукаат две срца, на спортистот, но и на човекот. Спортистот во мене вели:за ова сум се подготвувал, сум тренирал, сакам да се докажам, сакам да се натпреварувам. Човекот во мене вели, мора да се преземе нешто, но историјата покажува дека бојкотот не донел ништо“.

Германската влада и Германскиот национален олимписки комитет веќе се изјаснија против бојкот на олимписките игри во Кина.