1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е еврото виновно за скапотијата?

22 декември 2004

Оној што цврсто стои на нозе и има релативно студена глава, тој статистички е човек кому му врви добро, зашто статистиката, како што е познато, базира врз просеци или средни вредности.

https://p.dw.com/p/AePg

Така и кај фиктивната потрошувачка кошничка на еден просечен германски граѓанин преку која се истражува стапката на инфлација. Но, од тие просечни вредности граѓаниниот нема ништо. Во првите месеци кога се појавија новите пари – еврото, многумина потрошувачи констатираа дека кај некои цени, германска марка едноставно беше преименувана во евра, па така трговијата и сулужните дејности во некои случаи ги дуплираа цените.

Со играта на зборови во германскиот јазик “ојро е тојро“, значи дека еврото е скапотија, во првата година од неговото воведување се согласи дури и Европската комисија. Во пролетта 2002 таа првпат објави бројки според кои посебно во гастрономијата цените драстично се зголемија: пиењето кафе или посета на ресторна или преноќувањата во хотел станаа многу поскапи, но и поедноставните услуги како фризерниците. Така темата “Еврото како елемент на поскапувањето“ во 2002 се најде и на дневен ред на европските министри за заштита на потрошувачите. Германската министерка Ренате Кинаст тогаш изјави:

“Кога станува збор за еврото точно знаеме дека долгорочните финансиски давачки не се поскапени, на пример кириите. Но, луѓето многу точно согледуваат дека дел од секојдневните трошоци, на пример исхраната, или одењето во ресторан значи и математичка операција со молив и хартија за да се пресмета новата давачка која малку е коригирана нагоре“.

Малку коригирана? Германските граѓани таквата оценка ја праќаа во извесни правци. Што да си мисли купувачот кога во супермаркет порано за мрежичка бел лук даваше 49 пфенинга, а сега цената е запишана на евро и 49 центи. Дали поскапувањето од скоро 600 проценти е "само малку"? Не ќе да е така.

А, претседателот на заводот за статистика во Визбаден се обиде да ги ублажи протестите: поскапувањето е само субјективно чувство, додека статистички гледано цените се одржуваат во претходните граници. Кон средината на 2002-та, претседателот на заводот Јохан Хален изјави:

“Според службената статистика може да се каже дека климата на цените во Германија од почетокот на годината е јасно смирена. Според нашите проценки во јуни само 0,9 насто. Ако се потврди тоа, тогаш имаме најмал пораст на цените од октомври 99“.

И сојузната банка која се смета за кум на еврото, се почувствува повикана да каже некој збор: испита 35 видови стоки и услужни дејности со вкупно 18 илјади одделни цени. Резултат: големи поскапувања имало во ноември и декември 2000, значи чифт месеци пред воведувањето на новото платежно средство. Исто така банката тогаш констатира: еврото не е виновно за се.

Како и да е, граѓаните и натаму ја нишаат главата околу разликите меѓу државните статистички бројки и она што самите го доживеале. И покрај се: дебатата за скапото евро веќе потона во песок.