1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е името поважно од евроинтеграциите?

Свето Тоевски8 јули 2013

Нема алтернатива за процесот на евроинтегрирањето на Македонија, нема место ниту за евроскептицизам. Зачленувањето на земјата во ЕУ e приоритет, но не по цена на името, нагласуваат за ДВ експерти и граѓани

https://p.dw.com/p/193YT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле реализираше анкета  со повеќе случајно одбрани граѓани од Тетово, Гостивар, Куманово, Дебар, Скопје, Струга и Кичево од неколку етнички заедници, како и со претставници на нивни невладини организации. Беа консултирани и политички експерти. „Македонија треба да продолжи со напорите за изнаоѓање решение за спорот со Грција околу името, заради своето интегрирање во Европската унија, но, не по цена на губење на идентитетот на македонскиот народ. И покрај пролонгирањето на отворањето на преговорите со ЕУ, Албанците во земјата ќе продолжат да пројавуваат разбирање и толерантност кон своите сограѓани - Македонци околу ова прашање“ – ова се дел од поважните констатации во таа анкета.

„Да не се шири евроскептицизам“

Елена Андреевска, експерт за евроинтеграции од Штуловиот универзитет во Тетово, го изнесува своето мислење како треба да се продолжи натаму по неуспехот на Македонија на последниот самит на ЕУ: „Приоритет број еден е да се продолжи на патот за интегрирање во Европската Унија. За да не се шири евроскептицизмот, треба да се работи и натаму во тој правец, да им се објаснува на луѓето што значи интегрирање во ЕУ, да се пријде попозитивно кон тој процес, оти и самиот тој е позитивен. Но, Македонија мора да работи на исполнување на критериумите кои се бараат од неа, оти во извештаите на европските институции не пишува дека се тие исполнети во целост. Што се однесува до името, секој спор е решлив, па и овој со Грција. Кога имате спор, мора да се најде решение, компромис, никој не може да остане само на својата страна и упорно да ја застапува.“

Осман Кадриу, професор по уставно – политички систем од ФОН универзитетот од Скопје се надоврзува: „Спорот со Грција и е наметнат на Македонија, без потреба. Тука нема предмет за некакво спорење. Грците не се во право во врска со ова што тие го иницираат: прашањето на името е суверено право на македонската држава и на македонската нација, така што во овој поглед и во овој домен нам не ни треба кумство заради определување име. Ние имаме наше име, Република Македонија има име. Но, како и да е, Грците тоа го поставија како спор, а него сега и европските држави и ЕУ го прифаќаат како услов за зачленувањето во Унијата. Преостанува тој спор и да се реши. Она што е определба на Груевски сметам дека е целосно во право: и под услов да се постигне некаков компромис прашањето на името мора да се реши преку волјата на граѓаните. Тоа прашање е плебисцитарно и, согласно со Уставот, мора да се решава на референдум. Значи, конечната одлука треба да ја донесат граѓаните.“

Namensstreit neue Gesprächsrunde in UN
Државните преговарачи Василакис и Јолевски со медијаторот НимицФотографија: MIA

Какви се мислењата на граѓаните околу патот по кој треба да продолжи РМ, откако повторно не доби датум за отпочнување на преговорите со ЕУ?

Ашмет Елезовски, извршен директор на невладината организација „Ромски национален центар – „Англунипе“ од Куманово, вели: „На ваквата ситуација со изнуда и притисоци граѓаните на Македонија да мораат да го прифаќаат менувањето на нејзиното име јас и другите луѓе од ромската етничка заедница гледаме како на некоректно и нечовечно однесување. Тоа е надвор од одредени демократски правила на слободата на изразување. Би било можно преку одреден консензус да се изврши промена во името само во билатералните односи со Грција, да и се дозволи да ни се обраќа како што ќе се договориме, колку да се задоволат нејзините барања“.

„Не знаев дека ќе живееме во ’Букефалова Македонија“

Стојан Дуковски од Струга, истакнува: „Македонија нема друга алтернатива освен Европската Унија, затоа што таа е владеење на правото и создавање профит. Со оваа влада ние не можеме да влеземе во Унијата. Грција е многу налутена на оваа гарнитура на Владата и додека таа не се смени илузија е дека ќе се интегрираме во ЕУ. Погледајте ги Србија, Косово, сите си ги решаваат работите, а ние водиме некој инает со Европа. Ако сакаме да одиме во ЕУ, ќе мора да ја промениме политиката: јас не знаев дека на моиве 60 години ќе живееме во идеологијата на ’Букефалова Македонија’. Тоа е срамота!“

Перица Спасовски од Куманово е категоричен: „Треба да се исполнат критериумите на ЕУ, но не и да се менува името. Името и идентитетот треба да си ги задржиме. Ако така и одговараме на Европа, нека не примат. Не треба по секоја цена да влегуваме во Унијата, туку треба да се сочуваме себеси, затоа што има некои повисоки идеали, отколку таа Европа“.

Љуљзим Мехмети од Кичево вели во оваа анкета на ДВ: „Од евроинтегрирањето јас очекувам и политичка стабилност во оваа држава, во која преовладуваат предрасуди и стереотипи, без доволно интеретничка комуникација и во која се зголемуваат јазот  и сегрегацијата меѓу етникумите, наместо да постои нивно ’интегрирачко живеење’. Влегувањето во ЕУ ќе не води не кон затворање секој во својот етникум и конфликти, туку кон ’заедничко семејство’ и интегрирачко општество.“

Страв од изолација

Вангел Димовски од Здружението за афирмација на влашката култура „Пунте“ од Струга посочува: „Би требало час поскоро да се прекрати ова долго чекорење на Македонија кон ЕУ, сега кога речиси целото наше соседство се приклучува кон Унијата, таа не би требало да нас не остави настрана. Треба да се изнајде решение за спорот со Грција, најверојатно ќе биде потребен компромис.“

Griechenland und Mazedonien streiten weiter um Staatsnamen
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Хавзи Мустафа од Унијата на албанската интелигенција во Македонија и професор по албанологија во Државниот универзитет во Скопје вака одговара на прашањата како натаму по евроинтегративниот пат на земјата во која живее: „Албанците не би се согласиле со некоја придавка додадена кон името, како на пример ’Словенска Македонија’. Не би се спротивставувале на никакво друго име, на никоја друга придавка кон него и сме заинтересирани да не се загуби идентитетот на Македонците. Одолговлекувањето со ова решение може да има, пред се, социјални немири, оти никој нема да сака да инвестира и да отвора работни места во земјава. Не верувам дека би дошло до политички, етнички проблеми.“

Благоја Мирчевски од Тетово смета: „Постои решение за спорот со Грција, само треба да се седне на маса и да се разговара, компромис да се изнајде. Мене воопшто не би ми пречело да биде и ’Северна Република Македонија’. Ако се опстои на тврдиот став, кој го има сегашнава владејачка партија, тогаш тоа ќе се одрази негативно на нас. ЕУ ќе ни го сврти грбот, бидејќи ќе испадне дека си играме со нив.“

Вејсел Мемеди од Гостивар се надоврзува: „Не постојат други приоритети, освен евроинтеграцијата, мора да се решава спорот со името. Во спротивен случај, ќе бидеме целосно изолирани како држава. Апсолутно мора еднаш засекогаш да се разреши оваа работа, зашто од влегувањето во ЕУ зависаат и други приоритети во развојот на Македонија.“

Ирфан Емини од Тетово напоменува: „Треба да се разговара со сите класи на луѓето: со невработените, со младите, со оние кои бараат перспектива, дали навистина не би сакале да не влезат во Европа, само заради името? Мислам дека ставот и на Македонците и на Албанците е ист, дека се за промена на името. Заради влегување во ЕУ треба да го смениме името на државата, тоа е примарно, инаку ќе останеме во една ’тампон – зона’ како држава и без економски и без политички капацитет.“

Го прашавме професорот Кадриу: дали се можни меѓуетнички тензии, ако и во подолг временски период не се надминат недоразбирањата со Грција?

Тој заклучува: „Преку своите политички претставници во државните органи, во кои учествува, албанската етничка заедница ќе настојува само со политички дијалог да се приближуваат ставовите за зачленување на земјата во ЕУ. Таа заедница ќе врши притисок само со политички средства, за да се реши спорот околу името. Не верувам дека поради пролонгирањето на решавањето на тој спор ќе дојде до нарушување на меѓуетничките односи.“