1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Израел воено ќе го запре Иран?

21 февруари 2012

Додека експертите за атомска енергија се во посета на Техеран во обид за дипломатско решавање на спорот со иранската атомска програма, се‘ позачестено се дискутираат и воени опции, пред се‘ во Израел.

https://p.dw.com/p/146YG
Фотографија: Jürgen Sorges / AP / DW

Во Израел секојдневно се вршат нови проценки во врска со иранската атомска програма. Прогнозите за израелски воен напад врз Иран се противречни. Притоа, можат да се диференцираат три стојалишта.

Прво-Иран моментно не работи на создавање атомска бомба. Новиот шеф на воената тајна служба, генерал Авив Кохави скицира своја слика:

„Иран е во состојба да се стекне со атомско оружје. Меѓутоа, не се работи за натамошен развоен процес, туку за донесување одлука. Ако ајатолахот Камнеи даде зелено светло, на Иранците им треба една година за да направат атомска бомба. Ќе поминат натамошни една или две години за поставување на нуклеарна боева глава врз ракета“.

Irak neue nukleare Anlagen in Arak
Иранска атомска постројка во АракФотографија: AP

Дилема - кога е време за акција?

Второто стојалиште во израелската дискусија гласи: иако Иран се‘ уште не гради атомска бомба, сега е момент за акција. Токму ова е конфликтната точка со САД, вели Емили Ландау од Националниот институт за безбедносни студии:

„За САД е важен моментот во кој во Иран ќе падне одлука за создавање нуклеарно оружје. За Израел тоа е помалку релевантно. Важно е дека Иран се движи во таа насока, дека работи на производство на оружје. Иранците секојдневно ја лажат меѓународната заедница, на тој начин добиваат можности за воен ангажман“.

Политичката аналитичарка сепак, смета дека еднострана акција на Израел во случајов би била погрешна. Таа го поддржува третото стојалиште во актуелната дискусија: меѓународната заедница мора да изврши притисок. Истото го тврди и генерал-потполковникот во израелската армија, Бени Ганц:

„Развојот на иранската атомска програма во воени цели може да го спречи само иранското раководство. Решителноста на сите држави заедно може да го доведе Иран до ваков решавачки, стратешки став“.

Ehud Barak Verteidigungsminister Israel in Wien
Израелскиот министер за одбрана Ехуд БаракФотографија: dapd

Противречни изјави на Ехуд Барак

Меѓународната заедница ги заостри санкциите против Иран, но со тоа не прекинуваат шпекулациите во Израел околу евентуален воен напад. Кон тоа придонесува пред се‘ министерот за одбрана Ехуд Барак. Тој последните недели наизменично во интервјуата се залага за мир или за решителност. Понекогаш дури тоа му се случува истовремено во еден ист настап.

„Иранците систематски се обидуваат да стигнат до точка на која веќе нема да постои можност, ни за Израел, ниту за другите, позначително да се одложи атомската програма преку каква било акција. Ова мора да се има предвид, зашто оној кој ќе го дозволи тоа, кога било ќе се соочи со интересен проблем, но проблем за филозофите, историчарите, а не за државниците и носителите на одлуки“.

Автор: Торстен Тајхман/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска