1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали инсектите се храната на иднината?

Кај Хаселри / Марта Таневска14 јули 2013

Штурците и скакулците се здрави и еколошки алтернативи за говедското месо. Со брзото растење на популацијата на земјата, инсекти што можат да се јадат се можеби најдоброто решение за борбата со гладта.

https://p.dw.com/p/196xh
Фотографија: AP

Во бучно кафуле во центарот на Париз три пријатели отвораат мала тегличка и ѕиркаат внатре. „Мирисаат малку како пиперка“, со изненадување вели Кејти Еванс. Таа го става прстот во теглата и вади мал скакулец испечен на скара. Ова е деликатес во Мексико, но е непознато во главниот град на европската „висока кујна“. Еванс го става инсектот во нејзината уста.

„Ооо, зачинето е“, вели таа. „Целосно, од главата до опашот, има вкус на семки од тиква“.

Овие закуски од скакулци се произведени од пикантната гастрономска компанија „Тер Егзотик“. Во моментов, инсектите што можат да се јадат се’ достапни само по специјална нарачка. Но, во блиска иднина овие крцкави живи суштества (како и штурците и илјадници други видови на инсекти) се очекува да бидат популарни во земјите од Западот. Тоа е така бидејќи Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделие (ФАО) ги охрабрува богатите нации да ги отфрлат бургерите и да почнат да грицкаат бубачки.

Nahrung aus Insekten der Firma Ynsect
Авантуристи за јадење пробуваат скакулци на скара во ПаризФотографија: Ynsect

Протеин за растечката популација

Денес во светот живеат седум милијарди луѓе, а до 2050 се очекува дека на Змејата ќе живеат девет милирајди луѓе, па оттука една од најважните теми на светските лидери е безбедноста на храната. Од ФАО велат дека производството од добитокот е една од главните причини за еколошките проблеми во светот - глобално затоплување, ерозија на земјиштето, загаденост на водата и воздухот, како и губење на биолошката разновидност. Од организацијата велат дека едноставно не можеме да ги одржиме постојните нивоа за консумирање на месо - и инсектите се прифатлива протеинска замена, алтернатива која повеќе ја штити животната околината.

Infografik Bildergalerie Hamburger oder Heuschrecke 1 von 5 Deutsch
Инсектите имаат многу исти основни хранливи материи како месото

Инсектите имаат многу исти основни хранливи материи како месото. Имаат високо ниво на протеин, содржат железо и калциум, како и витамините А, Б1, Б2 и витаминот Д. Инсектите што можат да се јадат се со значително помалку масти од свинско или говедско месо.

„Инсектите се многу здрави“, вели Ева Милер, директорката во ФАО за шумарство, економија, политика и производи. „Тие играат главна улога во безбедноста на храната. Две милијарди луѓе во светот - тоа е една третина од популацијата, веќе јаде инсекти“, додава Милер.

Еколозите исто така ја поддржуваат и ентомофагијата, што значи јадење бубачки, бидејќи инсектите емитуваат помалку штетни гасови од говедата, им треба околу четвртина од исхраната и на одгледувачите им треба многу мал простор да ги одгледаат нивните количини на инсекти. Додека фармите со добиток се прошируваат во пошумените подрачја, одгледувањето на инсекти напротив може да се одвива во мали затворени објекти.

Голем пораст на бизнисот

Европа се' уште ја нема прифатено ентомофагијата, но почетниците како „Ynsect“ брзо развиваат нови производи и туркаат кон промена. Во нивните канцеларии во центарот на Париз, мала група на претприемачи, водени од Жан-Габриел Левон, создава животинска храна од инсекти. На турата низ производството, Левон го покажува својот нов производ. Изгледа како куп од струготини.

Gründer von Ynsect
Жан-Габриел Левон и неговите колеги во „Ynsect"Фотографија: Kaj Hasselriis

„Мириса на храна за риби“, вели Левон. „Рибите го обожуваат нашиот производ“.

Храната на „Ynsect“ е направена од земјени црви и исто така е наменета за хранење на кокошки и прасиња. Левон всушност сакал да прави храна од инсекти и за луѓето. Тој и неговите партнери произведоа колаче од инсект и чипс од инсект, но законите во речиси сите земји на ЕУ само на помалите фирми за испорака им дозволуваат да ги доставуваат производите од инсекти кои можат да се јадат.

Затоа љубителите на инсекти од „Ynsect“ одлучија да почнат со храна за животни, затоа што побарувачката за ова исто така е висока. ЕУ моментално увезува околу 70 отсто од потребната храна за животни. Сојата и житото се транспортираат низ планетата за да се нахранат свињите, кравите и другиот добиток. Левон вели дека неговата компанија може да направи замена со инсекти во Франција.

Всушност, има многу производи што Левон сака да ги произведува од неговите колонии на инсекти. Инсектите веќе се користат во шминката, фармацевтските производи и како билошка контрола за заштита на жетвата.

Ќе треба време за рецептите со инсекти да стигнат во Европа и Северна Америка. Не помага ни тоа што десетици гости во Нома, познат светски ресторан во Данска во којшто се служат мравки и ферментирани скакулци, се разболеа од труење со храна во март. Малку е веројатно дека болеста беше предизвикана од јадење инсекти, но инцидентот и даде на трговијата со инсекти лош публицитет. Повеќе од 1.900 видови инсекти веќе го најдоа својот пат кон чиниите на луѓето во стотици земји низ светот.

Nahrung aus Insekten der Firma Ynsect
Храната на „Ynsect“ е направена од земјени црви и исто така е наменета за хранење на кокошки и прасињаФотографија: Ynsect

Левон вели дека прописите на ЕУ не се единствената пречка. За инсектите што се јадат да можат да го најдат својот пат до европските кујни, луѓето ќе треба да го сменат односот кон нив. Тој оптимистично гледа на успешното воведување на рецепти со жива риба од Азија.

„Триесет години порано, никој не јадеше суши во Европа. Сега сите јадат суши“, истакнува Левон. „Зошто да не биде истото и со инсекти?“

Но, тој е свесен дека на пошироката јавност ќе и’ треба време да се навикне. „Не е тоа нешто што можеш да го смениш за неколку години. Ќе требаат децении“, вели тој.

Европа инвестира во инсекти

Назад во париското кафуле. Кејти Еванс и нејзините пријатели ја завршија закуската со скакулци. Тие велат дека се подготвени на пробаат закуски од инсекти, но не веруваат дека ентомофагијата ќе долета во Европа.

„Навистина се надевам дека нема да мораме да јадеме инсекти во иднина“, вели некој од соседната маса. „Ако мораме, можам да јадам скакулци, но не и црви. Тоа би било одвратно“.

Друг авантурист во јадењето е малку повеќе оптимист за иднината на кујната од инсекти. „Би можело да стане популарно предјадење“, вели тој. „Тие се суви и можеш да ги однесеш на забава - сигурен почеток за разговор!“

Insekten als Lebensmittel
Јадењето инсекти е деликатес во Мексико, но непознато во главниот град на европската „висока кујна“, ПаризФотографија: AP

Во меѓувреме ЕУ им понуди на своите земји-членки три милиони евра да го истражуваат користењето на инсекти во готвењето и во 2014, а ФАО ќе биде домаќин на голема конференција во Холандија под мотото „Инсектите да го нахранат светот“. Се очекува повеќето прописи кои ја забрануваат продажбата на инсекти што се јадат да бидат укинати во следните десет години.