1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали и кој меша прсти?

Милчо Јовановски14 февруари 2009

И по најновите разговори на претставниците на владата и на ОБСЕ со родителите и учениците во средношколскиот центар „Нико Нестор“ во Струга, на повидок нема пробив. Учениците Македонци и натаму не ја следат наставата.

https://p.dw.com/p/Gu3q
Училиштето „Нико Нестор“Фотографија: Petr Stojanovski

Се‘ поизвесно е дека бојкотот на наставата на учениците Македонци во Струга од образовен, прераснува во политички проблем. Тие и нивните родители не го напуштаат ставот за воведување чисто етнички или, како што ги нарекуваат, јазични смени. Ваква одлука е донесена уште во февруари минатата година, која како што велат родителите е легитимна, зашто за неа покрај Македонци гласале и дел од присутните Албанци. Неспроведувањето на оваа одлука беше причина, лани кон крајот на учебната година, цели шест недели ученците Македонци да бидат надвор од училиштните клупи. Меѓусебните масовни тепачки од 21 јануари и 4 февруари годинава, кога имало и повредени, беа повод ученците Македонци да го активираат бојкотот. Патем речено, ученците Албанци во „Нико Нестор “ и „Ибрахим Темо“, училиштето со кое делат еден двор, се далеку побројни од Македонците.

Немоќ и молк

Немоќна да се справи со цврстите ставови на двете инволирани страни локалната власт уште во средината на оваа недела побара помош од министерството за образование, а потоа покрај министерот Перо Стојаноски во Струга допатуваа вице- премиерите Зоран Ставрески и Абдулаким Адеми и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Избегнувањето на камерите и микрофоните, нетипично за претставниците на оваа македонска влада, доволно зборува за тоа колку проблемот е чуствителен и дека до финално решение тешко ќе се дојде. Така беше и синоќа (13.02.2009). Во хотелот„ Дрим“, по разговорите зад затворена врата, членовите на Владата, Ставрески, Јанкуловска и Стојаноски заминаа без изјави за новинарите. Според информации на Дојче Веле, тие и викендов ќе бидат на релацијата Скопје – Струга во обид да го затворат образовниот проблем кој во предизборието добива политичка конотација и ја подгрева тезата на стружани дека во образованието, политиката одмана „замешала прсти “. И Македонците и Албанците зад микрофоните коментираат дека за жал образованието е жртва на политичкиот пазар пред локалните избори и борбата за доминација во Струга меѓу македонскиот и албанскиот блок партии од власта и опозицијата.

Schule Niko Nestor
Фотографија: Petr Stojanovski

И ОБСЕ без коментар

Вчера (13.02.2009) во средното училиште „Нико Нестор“ во мониторинг беа и претставнци на мисијата на ОБСЕ во Македонија, но и тие не дадоа коментар на сосотојбата. „Барајте ги надлежните во училиштето тие ќе ви кажат за што сме разговарале“ ни‘ одговорија сосема кусо. Од училиштето молк. Од Советот на родители проструи веста дека тие бараат гаранција за безбедноста на своите деца, која, како што велат, ја пропишува уставот и сметаат дека јазичните смени се дел од решението.

Неофицијално се дознава дека ученците Албанци написмено побарале од општината против учениците Македонци да се преземат дисциплински мерки и најавиле дека доколку нивните врсници не се вратат во училиштните клупи до 23 февруари тие во знак на револт ќе протестираат.