1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали на Германија навистина и‘ требаат странски работници?

Рахел Гесат/ Жана Ацеска24 јули 2012

И во Германија секој ден се слуша за пропаѓање на фирми и за илјадници работници кои остануваат на улица. Сепак, политиката и натаму зборува за потребата од нова работна сила, но целта е-таа да биде и поевтина!

https://p.dw.com/p/15dxQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Само со банкротот на синџирот дрогерии „Шлекер“ без работа останаа 25 илјади работници, а вестите за укинување работни места стигнуваат секојдневно: компанијата за каталошка продажба „Некерман“ исто така објави стечај, синџирот стоковни куќи „Карштад“ најавува затворање две илјади работни места, Дојче банк ќе укине дури девет илјади...

Од другастрана, Германската индустриска и трговска комора, ДИХК, тврди дека многу се зборува за отпуштања, а малку за отворање нови работни места. Така Александар Шуман, главен економист на Комората, потсетува:

„Економијата е постојано динамичен процес. Во Греманија секојдневно се затвораат 20 илјади работни места, а истовремено, во нормални услови, стопанството отвора уште повеќе“.

Junge Arbeitslose als verlorene Generation ?
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Бојадисување“ со бројот невработени

Во германските синдикати пак тврдат дека и политиката, а особено Агенциите за вработување, наголемо „бојадисуваат“ со броевите невработени, за состојбата да изгледа подобра отколку што е навистина. Дирк Хиршл, економист на синдикатот Верди тврди дека во Германија има значително повеќе на оние кои бараат работа отколку понуди за работни места.

„Многу невработени лица не се опфатени со статистиката, често долгогодишните невработени се ’истуркани’ од статистиката, а како невработени не се водат теоретски ниту лицата кои се преквалификуваат за некоја друга работа или учествуваат во некој социјален проект, иако тој не значи и работно место“.

И во Германскиот институт за економски истражувања ДИВ, се согласуваат дека бројот на лицата кои бараат работа се намалува со козметички средства:

„Како невработени не се водат оние кои работат со половина работно време или оние со т.н. мини-работни места, иако мнозинството од нив бара работно место со полно работно време“, потсетува Карл Бренке, експерт за пазарот на работна сила на оваа организација.

За подобри плати, ќе има и заинтересирани

Сепак-постојано се истакнува дека во некои сектори итно се бараат работници особено со занаетчиски струки, инженери или работници за во областа на медицинската нега, пред се‘ на постари луѓе. Но, кога станува збор за негуватели на стари лица, во синдикатот се посебно критични:

„За тој проблем се виновни самите политичари и фирмите кои се активни во секторот на медицинска нега. Зашто, таму платите се лоши, работните услови катастрофални, па нормално што никој не се интересира за такво работно место“.

Во однос на инженерите, проблемот е многу посложен: моментно навистина постои недостиг на стручњаци, но тоа не е проблем кој треба да се смета за долгорочен. Поради сите написи за недостиг на инженери, многу млади започнаа студии во таа насока и Карл Бренке предупредува дека во догледно време, дури и со демографските промени во Германија, може да се очекува поголема понуда отколку побарувачка за инженери. 

Инженери, но-евтини!

Во синдикатот Вреди пак тврдат дека гласовите за недостиг инженери и стручњаци се само делумно точни.

Schlecker Insolvenz Pleite Drogerie
Фотографија: dapd

Вистинската причина, смета Дирк Хиршел, е желбата на германските работодавачи да привлечат странски стручњаци кои би се согласиле на полоши услови за работа отколку Греманците: на полоша плата, договори на ограничено време, помалку одмор и повластици... На германските работодавачи овде им помага и сегашната конзервативна влада и со тие „повици“ се надеваат едноставно да најдат исто така квалификувана, но и евтина стручна работна сила.

Сепак, кога станува збор за лицата со ниски квалификации, сите се согласни дека им било и се‘ уште им е тешко да најдат работа во Германија. Колку е пониско школското образование, помала желбата за промена на местото на живеење, повисока возраста и посложена состојбата во семејството, на пример кај самохраните мајки, толку е помала шансата да се добие работно место. Тоа го покажува и стечајот на синџирот дрогерии „Шлекер“- од 15 илјади, претежно женски продавачи, во изминатите месеци само секоја петта најде барем привремена работа.

Од друга страна, овдешните медиуми го истакнуваат примерот на вработената од „Шлекер“ од Мајкамер во покраината Пфалц: добивајќи отказ како  продавачка во дрогерија, таа во истото место отворила сопствена дрогерија. Претприемачкиот дух секако помага во борбата против невработеноста, но за таков чекор не е потребна само храброст и знаење, туку и почетен капитал. Него вработените ретко го имаат, а мали се шансите да добијат кредит во  која било банка.