1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали новите избори се решение за кризата?

17 декември 2006

Коментар на Петер Филип

https://p.dw.com/p/Ac0s
Излезот го гледа во нови избори: Махмуд Абас
Излезот го гледа во нови избори: Махмуд АбасФотографија: AP

Како излез од политичката криза во автономните подрачја палестинскиот претседател Махмуд Абас вчера најави одржување нови избори. Меѓутоа, прашање е дали тие ќе можат да ги решат проблемите на Палестинците.

Демократија без избори е незамислива, но и обратно, слободни избори се уште не значат демократија. Ова сознание можеше посебно да се прошири во Соединетите Американски Држави во изминатите недели, а предизвикано од настаните на Блискиот исток. Најнапред Ирак: една година по првите вистински слободни избори ситуацијата таму денес е полоша од кога и да е, и се се движи кон граѓанска војна, па дури и критичарите на американската окупација предупредуваат на тоа дека брзо повлекување уште повеќе би зголемило хаосот. Саудијците, кои инаку радо се држат настрана, дури предупредуваат дека во случај на пребрзо американско повлекување, на сите начини ќе ги поддржуваат Сунитите во Ирак.

Сега во Багдад се прават обиди да се демонстрираат национално единство и помирување, што би можело подеднакво малку да успее како во Либан: и таму се одржаа слободни избори и беше формирана широка коалициона влада, која веќе со недели е под притисок на исламистичкиот Хезболах и неговите сојузници со барање да му се овозможи учество во кабинетот. Алтернативата би била граѓанска војна.

Од истото страхуваат голем број Палестинци за своите автономни подрачја, додека претседателот Махмуд Абас се надева таков развој да може да биде спречен со нови избори што набргу би се одржале. Претставници на Хамас му префрлуваат на Абас за злоупотреба на уставот и најавуваат отпор против таковиот обид за „пуч одозгора„. И тоа би можело да води кон граѓанска војна. А, дури и ако не така, прашање е дали новите избори можат да го решат проблемот. Хамас беше избран во јануари зашто постоеше презаситеност од корумпираниот ПЛО, зашто мировниот процес не се исплатеше и зашто безизлезноста и очајот во палестинските подрачја достигнаа огромни димензии. Сето тоа во меѓувреме стана уште полошо: Хамас не се придржува кон договорите на ПЛО со Израел и не ја признава израелската држава, неговата влада е бојкотирана од Запад поради што изостануваат итно потребните пари за помош. Функционери шверцуваат арапски и ирански донации во земјата, но така не може да се владее. Обидите да се формира широка коалиција постојано завршуваа без успех, а откако во последните денови се случија цела низа напади, меѓу нив и врз премиерот Ханија, на претседателот Абас му се чини дека спас можат да донесат само избори: парламентарни и претседателски. Неизвесна надеж. Зашто изборите не донесоа пресврт ниту во Ирак, ниту во Либан. Зошто токму во Палестина би било поинаку?

Петер Филип