1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали од гумени бонбони

Клаус Халструп/Б.Георгиевски 21 февруари 2013

Еден германски уметник пронајде оригинален начин за создавање на своите дела. Јоханес Кордес креира уметнички слики од гумени бонбони.

https://p.dw.com/p/17drw
Фотографија: Alexander Rüsche dpa/lby

Малечки, шарени и слатки - гумените бонбони во форма на мечиња вообичаено се за јадење. Но тие имаат и уметнички потенцијал. Пајо Паторот или Мерилин Монро - овие уметнички дела се од гумени бонбони. Ги изработи Јоханес Кордес од Мепен во Долна Саксонија. Она што почна како луда идеја, денес е негова професија. Од илјадници нијанси на бои се формира слика. Најважна работа притоа е бојата на секоја одделна гумена бонбона:

„Кога моето големо гумено мече ќе биде готово, сликата ќе се состои од три илјади или 3.800 гумени бонбони, не знам точно во моментов, а тоа се некаде околу девет или 12 илјади нијанси на бои“, објаснува Јоханес Кордес.

Работата е многу временски интензивна. Кордес, инаку по струка графички работник, троши до 120 часови на едно дело. Покрај трпението, потребни му се и многу шарени бонбони. Тој купува околу три тони годишно:

„Знаете што е непријатно? Кога одите во супермаркет и минувате со количката за купување покрај штандовите, не земате пет или шест кесички, туку ја полните количката со 300, 400 кеси гумени бонбони - мечиња. Нив потоа морате да ги извадите на каса затоа што треба да се пребројат. А зад вас стојат редица луѓе. Правите забава со гумени бонбони, ќе ве прашаат. Или: зарем имате толку многу деца?“

Голем интерес

За неговата поп-уметност се интересираат и во странство. Колекционерите плаќаат и по 10 илјади евра за една слика. Но претходно речиси сите прашуваат: Колку и е рокот на траење на оваа уметност од гумени бонбони?

Deutschland Wirtschaft Haribo Gummibärchen
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Развив еден посебен процес со кој ги конзервирам мечињата-бонбони и тие траат подолго. Без оваа постапка воопшто не би можел да ги правам моите слики, затоа што по неколку недели тие ќе станат збрчкани. Боите ќе избледат, а сликата полека ќе почне да скапува“, вели Кордес.

Гумени бонбони за на ѕид и за вечност. За Кордес овие бонбони се музи, негов бренд, материјал со кој постигнува голем ефект:

„Овој портрет на Салвадор Дали е многу впечатлив, особено очите, кога ќе ја погледнете сликата. Има нешто во неа“.

Најновиот проект е концертно пијано кое се реставрира и потоа ќе биде декорирано со илјадници гумени бонбони. А дека станува збор за вистински Кордес се гледа од потписот: златното мече.