1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали палестинска држава може да опстане?

12 ноември 2011

Кога во септември Махмуд Абас поднесе барање за прием на Палестина во ОН, многу Палестинци беа одушевени, но многумина во светот не беа. И да биде признаена, Палестина ќе се соочи со огромни проблеми.

https://p.dw.com/p/139FJ
Махмуд АбасФотографија: AP

Дури и во случај Обединетите нации да го одобрат барањето, државата ќе биде соочена со низа проблеми. Палестинските територии се расцепкани, стопанството е неразвиено, а очигледно е дека и израелската влада не е премногу заинтересирана за стабилна палестинска држава.

„За да заживее палестинската држава, доселеничката политика на Израел мора да прекине“, вели Моше Цимерман, директор на Институтот за германска историја во Ерусалим. За тоа да се случи, доселеничките населби мора да се урнат или нивните жители да станат државјани на палестинската држава, вели израелскиот професор. Но, израелските доселеници не го прифаќаат ни едното, ниту другото, а мнозинството е воопшто против палестинска држава.

Според Цимерман, постојат проблеми и кога е во прашање стопанството. Израелската окупација ги намали инвестициите и ја зголеми невработеноста. Сулејман Абу Дајех од фондацијата „Фридрих Нојман“ е уште подиректен: „Од економски аспект, палестинската држава не може да опстане“.

Непостоечка инфраструктура

Палестинската економија е во незавидна состојба и поради самото тоа што границите кон Јордан и Египет ги контролира Израел.

„Палестина нема ниту еден аеродром, нема автопати, ни железница кон соседните држави“, вели Абу Дајех. Тој е уверен дека без тие пречки, Палестина би можела да биде посамостојна, преку трговијата, туризмот и аграрното стопанство.

Internationale Buchmesse in Gazastreifen 2011
Палестинците се соочуваат со сериозни економски проблемиФотографија: DW

Моше Цимерман верува дека проблемите на палестинската економија можат да се решат, преку соработка со Израел. Но најголемиот проблем, според него, е во израелската влада. Премиерот Бенјамин Нетанјаху и шефот на дипломатијата Авигдор Либерман не се заинтересирани за воспоставување на палестинска држава.

„Во Израел постои многу силна, десноориентирана групација, која целата палестинска територија ја смета за дел од Израел. Но, тоа израелската влада не сака јавно да го каже затоа што се обврза дека ќе работи на решавање на проблемот“, вели Цимерман.

Тоа е и причината поради која постои расчекор меѓу она што израелската влада го мисли и она што го прави, односно меѓу настојувањата да се заврши конфликтот и населувањето на палестинските области.

Автор: Ане Алмелинг / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска