1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали поп-музиката е се` уште бунтовничка?

2 јули 2011

Во шеесеттите години од минатиот век, обожавателите на поп и рок музика имаа еден избор: Битлси или Стоунси. Потоа дојдоа постпанкот, диското и клупската култура, со техно и хаус музика. Што денес се смета за мејнстрим?

https://p.dw.com/p/11nKQ
Фотографија: Fotolia/ISO K° - photography

Во поп-музиката веќе нема консензус. Музичката сцена се расцепка на голем број мали поджанрови. Тоа го дијагностицира и Клаус Валтер. Тој е новинар во хамбуршкото радио „Бајт ФМ“ и водител на култната емисија „Топката е округла“ на регионалното радио во покраината Хесен, каде во последниве децении се занимава со феноменот на поп-културата.

„Нема повеќе ефективен мејнстрим. Има многу поджанрови и денес човек целото свое музичко постоење може да го ограничи на некоја многу специјална гранка од некој жанр - на пример ’дабстеп’ или ’неофолк’“, вели Валтер.

Каде денес може да се доживее поп-музиката како масовен феномен? Во Германија постојат неколку големи музички саеми и фестивали. „Попком“ во Берлин, на пример, секоја година претставува иновации во браншата и го рефлектира музичкиот пазар, а фестивалите како „Рок ам ринг“, „Саутсајд“ или „Хјуракејн“ привлекуваат стотици илјади луѓе неколку дена на отворен простор, будејќи „вудсток“ чувство. Со таа разлика што денес тоа нема никаква врска со хипи-движењето или протестите од шеесеттите години:

NO FLASH Symbolbild Beatles Hamburg
Фотографија: AP

„Што е денес политичко или бунтовничко, или што е денес отпор? Неодамна некаде прочитав: ’Одредени гестови се храбри како искинати фармерки’. Политичките прашања се следниве: ’Како ја ширам мојата музика, на кој медиум, што им давам бесплатно на моите фанови?’ Затоа денес е потешко да се направи политичка музика или таа да биде политички обоена, како што можеби беше во седумдесеттите години“, оценува новинарот Клаус Валтер.

Песните од протестите се веќе минато

Со Виетнамската војна, на пример, се` уште се поврзуваат неколку песни, но не и со актуелното движење против атомската енергија, или, пак, протестите на граѓаните на Штутгарт против изградбата на новата железничка станица. Тие ги користат старите хитови. На пример, првата германска победничка на Евровизија, Никол, која пееше за „Малку мир.“ Таа не може ниту оддалеку да се спореди со песната на Лена, која лани победи на Евровизија. Во неа се зборува за љубовта и приватноста, што само по себе нема никаква врска со политика.

„Постои многу моќна и конзистентна поп-музика за широките народни маси, а пример за тоа е Лена. Нејзиниот успех беше многу значаен, преку него може да се согледа моќта на медиумите и медиумските компании. Може да се види како се лансира производ како Лена, колкав успех може да се постигне и колкава е се` уште моќта на телевизијата“, вели новинарот Валтер.

Уште еден германски музички извоз е бендот „Токио хотел.“ Иако релевантните музички критичари никогаш не ги сфатија сериозно, во нивниот пример може да се зборува за уште едно многу распространето движење меѓу младите, таканареченото „емо“, односно емоционален хардкор. Тоа подразбира пренагласени чувства и нивно покажување. „Токио хотел“, со своето андрогено однесување, предизвика промени во сфаќањето за германската музика. Од друга страна, составот „Рамштајн“ се потпира на германското клише, смета пејачот на бендот „Слат“, Кристијан Нојбургер:

Deutschland Musik ESC 2011 Eurovision Song Contest Finale Deutschland Lena
Фотографија: dapd

„Ако се погледне кон минатато, се заклучува дека во последните триесетина години во музичката историја влегле бендови од Германија, кои звучеле екстремно и типично германски, како на пример Нена, Крафтверк и Рамштајн. Тие се неверојатно германски, можеби понекогаш и претерано германски. Американците се лепат на едноставни работи - сакаат типично германска музика, добиваат типично германска музика“, вели музичарот Кристијан Нојбургер.

Нови трендови - нови можности

Порано радиото беше водечкиот медиум за претставување на новите трендови и добрата музика. Беше нормално да се клечи со уредот за снимање пред радиото и кога на крај ќе дојдеше омилената музика, да се сними. Во ерата на интернетот, кога сите музички архиви се достапни во секое време, тоа е незамисливо. До сите снимки на Боб Дилан, на пример, може да се стигне со неколку клика на „Јутјуб“.

Времето на различните музичките бранови и големите колекции со музика е завршено. Луѓето, кои се сериозно заинтересирани за музика, си се вгнездуваат во своите поджанрови. Но, добрата музика не треба да свири во подземјето. Плуралитетот отсекогаш бил нешто позитивно и германската медиумска сцена треба тоа да го оправда, вели Клаус Валтер. „Поп-културата е култура со која секојдневно се соочуваме, сакале или не. А, таа треба соодветно да се третира, треба да се анализира, да се разбере. Тоа недостасува во моментов“, додава тој.

Автор: Ева Гутенсон/ Александар Методијев

Редактор: Трајче Тосев