1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали презадолженоста на граѓаните ќе се „лекува“ со личен стечај?

Свето Тоевски 23 јули 2012

Македонските граѓани во 2008 година должеа 1,1 милијарда евра, а годинава 1,3 милијарди евра. 500 милиони евра е долг во банките на кредитни картички, потрошувачки кредити и минуси на тековни сметки.

https://p.dw.com/p/15d3V
Фотографија: Fotolia

Прашавме дел од граѓаните на Тетово: како се живее денес, колкава е задолженоста на населението?

Тие велат: „Големи се долговите на народот кон банките, кон јавните претпријатија за комунални услуги.... Секој зема на кредит, оти платата не достасува. Луѓето се 'влечат' од денес за утре, а за утре - ќе видиме ...“

„Луѓето се во значителна мера задолжени, а платите се ниски. Тоа е голем проблем“.

„Тешко е да се преживее. Народот, работи, но нема ништо. Се измачува“.

„Стигнато е до степен под ’црвената линија’, на економски план денес ја прегазивме и неа. Граѓаните живуркаат, водат борба за опстанок“.

„Од 1990 година наваму се’ е во стечај, се’ е упропастено“.

Експертот за финансии од Штуловиот универзитет во Тетово Абдулменаф Беџети напоменува дека во одредена смисла една третина од населението во Македонија веќе се наоѓа во своевидна стечајна постапка, штом не може да ги отплаќа своите финансиски обврски, имајќи само околу едно и пол евро дневно за живот: „На некој начин, една третина од населението дословно е во стечајна постапка. Ова се луѓе во ’релативната сиромаштија’. Ситуацијата е уште покатастрофална кај ’апсолутната сиромаштија’“.

Abdulmenaf Bedzeti
Абдулменаф БеџетиФотографија: DW

Во ноември 2009 година Министерството за економија најавуваше дека до јуни 2010 година би можел да биде донесен закон за задолжените граѓани со одредба за нивен личен стечај. Но, законот се’ уште го нема.

„Личниот стечај не е разгледуван како состојба што треба да се уредува со закон“

Го прашавме ова министерство до каде е стасано со оваа идеја. Во неговата писмена изјава се наведува: „Личниот стечај никогаш официјално не бил разгледуван од Владата како состојба која треба да се уреди со закон. Само на експертско ниво се разгледуваа искуства на европски земји во однос на Законот за стечај, со кој некои национални законодавства го имаат регулирано и прашањето за личниот стечај“.

Експертот за стечај од државниот Правен факултет во Скопје Тито Беличанец посочува: „Голем дел од земјите во ЕУ немаат такви законски решенија. Дел имаат, а дел не. Тоа не се системски решенија, кои би биле обврзувачки за нашето право да се усогласи со европското законодавство“.

Tetovo,eine Stadt in Mazedonien,Panorama
ТетовоФотографија: AP

Дали знаат граѓаните што е тоа личен стечај, како го коментираат тоа?

Анкетираните велат: „Таков стечај можеби има во некои западни земји, но не знам како би успеало тоа овде“.

„Таков стечај може набрзина да дојде. Тоа не е решение“.

„Како може дома да ми се прави стечај“?!

„Презадолженоста не може да се реши на таков начин“.

Беличанец вели дека сега веќе и не е потребен индивидуалниот стечај, кога со законот за извршување многу побргу им се наплаќаат долговите на граѓаните: „Кога имаме многу строг и едноставно спроведлив закон за извршување, која би била целта да се воведе стечај врз физичко лице“?

Професорот Беџети предложува: „Со јавна кампања Владата треба да ги предупредува граѓаните да водат сметка за својата финансиска состојба и да не се впуштаат во задолжувања што не ќе можат да ги враќаат. Треба да се крене нивната свест како да ги управуваат своите финансиски состојби“.

Презадолжените семејства и граѓани ќе можат да здивнат – барем за одредено време. Но, финансиската јамка околу нивниот врат нималку нема да се подолабави. Проблемот ќе мора кога – тогаш да се реши, прашањето е само дали „лекот“ за тоа е или не е личниот стечај.