1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали светот стана помирољубив?

21 септември 2009

Дваесет и први септември ширум светот седум години се обележува како Меѓународен ден на мирот. Дали сега светот е барем малку помирен, нема јасен одговор. Во моментов, постојат 345 конфликти.

https://p.dw.com/p/Jle0
Фотографија: picture-alliance / dpa

Меѓународниот институт за истражувањето на конфликтите во светот при Универзитетот Хајделберг е познат по својот барометар за глобални конфликти. Барометарот разликува пет видови конфликти - од латентен, преку ненасилен конфликт на интереси, се‘ до организирани и систематски подготвени сили во војна која се води во една, или меѓу две држави. На основа на вака дефинираните конфликти, Институтот во 2008 година забележа повеќе конфликти отколку кога било порано, вели соработничката на Институтот во Хајделберг, Лота Мајер.

„Регистриравме 345 конфликти. Тоа е толку многу како никогаш претходно, откако почнавме со овој вид истражување“, вели Лота Мајер.

Israelische Soldaten mit Panzern an der Grenze zwischen Israel und Gaza
Долготраен конфликт, ГазаФотографија: AP

Постои поголема информираност

Големиот број конфликти во 2008 година не е последица на фактот дека во светот има помалку мир, туку на променетите околности во поглед на информираноста. Лота Мајер смета дека, да речеме, во 50-тите и 60-тите години, едноставно ништо не се знаело за конфликтите во оддалечените делови на светот. Но, без разлика на се‘ тоа, забележлив е трендот по кој, како што кажува соработничката на Институтот во Хајделберг - Мајер, светот станал понемирен.

„Во светот, во 2008 година имало повеќе насилство во споредба со 2007 година. Бојот на високоексплозивни вооружени конфликти бележи раст од 32 на 39 конфликти. Од 39 конфликти, дури девет може да се оценат со зборот „војна“, за разлика од 2007 кога имало шест воени конфликти. На тоа треба да се додадат 95 конфликти наречени криза. Тоа се повремени конфликти со употреба на сила. Во останатите 211 случаи во избивањето на конфликтите не е применувана сила.“

Dossier Irakkrieg Bild 3
Војната во ИракФотографија: picture alliance/dpa

Африка е најзагрозен континент

Со конфликтите најмногу е погоден африканскиот континент. Таму Институтот од Хајделберг регистрирал 12 експлозивни конфликти, од кои 3 воени. Станува збор за Судан, Чад, Конго, Централно Африканска Република, Сомалија, Етиопија, Мали и Нигерија. Ниеден од алармантните конфликти не е до денес завршен и решен по политички пат. Тоа се однесува и на азиските земји и на војните, или конфликтите, во Ирак, Иран, меѓу Израелците и Палестинците, во Турција, Индија, Пакистан, Шри Ланка. Тука е и војната во Авганистан, која во 2009 значително ескалираше.

Европа со намален број конфликти

Кога е во прашање Европа, ситуацијата на Кавказот е смирена. Напнатоста поради војната меѓу Русија и Грузија околу Јужна Осетија и Абхазија е нешто намалена и се настојува да се дојде до политичко решение, иако досега нема резултати. Тука е и граничниот спор меѓу Словенија и Хрватска, со тоа што Словенија изрази подготвеност да го укине ветото во поголемиот дел на пристапните преговори на Загреб со Брисел за членството во ЕУ. Лота Мајер не ги спомнува Босна и Херцеговина и Косово, но упатува на фактот дека во мода се враќаат „пучевите“ и дека 5 до 6 пучеви, по пауза од неколку години, се забележани во светот во 2008 година.

Автор: Андреас Цумах/ Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска