1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали се жените подобри кризни менаџерки?

Г. Хофман/Ж.Ацеска12 октомври 2013

Ангела Меркел повторно е избрана за германска канцеларка. Кристин Лагард е на чело на ММФ. А Џeнет Јелен ќе ја води најмоќната национална банка на светот, американскиот ФЕД.

https://p.dw.com/p/19okT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Изборниот тим околу неа слави, а на победничката се чини како да ѝ е дури малку непријатно. Ова беше сликата по неодамнешната изборна победа на Ангела Меркел на изборите за Бундестагот. Ирвин Колиер, професор по економија, оценува:

„Ангела Меркел знаеше дека има подобри карти, дека правилно ги одигра. Мислам дека беше самозадоволна.“

Таа уште еднаш ги претекна мажите, вели Ирвин Колиер. Американецот предава економија на Слободниот универзитет Берлин. На Германците им оди добро, а Меркел зрачи доверба дека така и ќе остане.

Реизбраната канцеларка уште вечерта најави: „Денеска ќе се слави, а од утре пак ќе се работи“.

За неа тоа и натаму значи: убедување на кризните евро-земји да штедат. На пример Грција, каде луѓето со месеци протестираат против строгата политика на штедење. Веќе годинава треба да бидат отпуштени четири илјади државни службеници. Многумина Грци мислат дека за тоа е виновна Меркел. Истовремено, таа дома треба да протурка уште еден пакет помош, веќе трет.

Колиер, професорот по економија, истакнува: „Големи реформски чекори не се нејзин стил, на американски речено: 'мадлинг тру', од една криза до следната. Таа прави мал обид, ако не успее, прави мал обид во друг правец. Ако политиката тоа не го прифати, човек се повлекува, без да го загуби образот“.

Janet Yellen US Federal Reserve
Џенет ЈеленФотографија: picture-alliance/dpa

Германско ракување и француски бакнеж: од 2011. година на чело на европската кризна политика стојат две жени - покрај Меркел, и Кристин Лагард како шеф на ММФ. Таа со години работеше во Париз како правник и министер. Сега внесува малку елеганција на сивите самити и конференции. Шармантна, но сепак непопустлива, тоа е нејзин стил.

„Секогаш треба да го очекувате најлошото, но да се надевате на најдоброто, ние се надеваме на најдоброто“... гласи максимата на Лагард.

„Нејзината прва реакција беше: непопустлива љубов. Ќе ти помогнеме, но мораш да се реформираш. Јас го велам ова и тоа е вистината, која можеби не е убава, но таква е! Вие Грците морате да плаќате данок. Значи, крај на несериозноста“, вели професорот Колиер.

Меркел и Лагард се согласни: во кризните земји сѐ уште премалку се штеди. Тие ги условуваат кредитите за помош изразени во милијарди: мора да се редуцираат државните долгови, да се намалат предимензионираните банкарски системи, како на Кипар.

И во САД на високи позиции во иднина доаѓаат жени: на пример, професорката Џенет Јелен треба да стане шефица на Американската емисиона банка, на најмоќната банка во светот.

Hillary Clinton
Хилари КлинтонФотографија: picture alliance/AP

А Хилари Клинтон ќе биде предложена за следна претседателка на САД. Дали се жените подобри кризни менаџери?

„Не треба да се има илузии. Луѓе кои стигнале до врвот имаат способности да издржуваат и да задаваат удари. Тоа не е ни женска, ниту машка особина“, вели професорот Ирвин Колиер.

Тој патува на конференција во Јужна Кореја. Во секојдневието, вели тој, уште седи претежно покрај мажи. Засега.