1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180110 FDP Spende

19 јануари 2010

Германската Либерална партија се најде во вкрстен оган на опозицијата. Повод за аферата е откривањето на голема донација од еден милијардер, акционер во хотелски синџир, кој во касата на партија уплати 1,1 милион евра.

https://p.dw.com/p/La69
Либералите ги отфрлаат обвинувањатаФотографија: picture alliance / dpa

Помалиот коалиционен партнер во актуелната влада на канцеларката Ангела Меркел, се најде во вкрстен оган на опозицијата. Таа имено тврди дека либералите се поткупливи. Повод за најновата афера во политички Берлин е откривањето на голема донација од еден милијардер, акционер во хотелски синџир, кој во касата на Либералната партија уплатил вкупно 1,1 милион евра. Една од првите политички заложби на Либералите во владината коалиција есеноска беше намалувањето на даночната стапка за хотелската бранша од 19 на само 7%.

Обвинувања и бранење

Партиите на опозицијата се огорчени. Социјалдемократите сметаат дека станува збор за „морална корупција“. Партијата на левицата оценува дека Либералите воведуваат „купена демократија“ и бара забрана на партиските донации. Либералите ги отфрлаат како апсурдни обвинувањата дека големата донација на хотелијерот има некаква поврзаност со намалувањето на даночната стапка за преноќување. Генералниот секретар, Кристијан Линднер по седницата на партиското претседателство порача: „Ништо не е откриено, нема никаков политички скандал. Ние баравме помала даночна стапка за хотелската бранша уште во 2007 година. Таа заложба не стои во никаква врска со оваа донација!“

Правно-се‘ е чисто

Bundesaußenminister Westerwelle / Japan
Гидо Вестервеле, претседател на либералитеФотографија: AP

Од правна гледна точка Либералната партија не сторила никаков деликт. Законот за финансирање на партиите во Германија предвидува секоја донација поголема од 50.000 евра да му се пријави веднаш на претседателот на парламентот. Тој, пак, има обврска да го објави тоа, вклучувајќи го и името на донаторот, во службен весник на Бундестагот, кој стои достапен за јавноста на интернет. Така и можеше да се види дека акционерското друштво „Супстанција“ на 13 октомври минатата година уплатило 300.000 евра на сметката на Либералната партија. Тоа е само еден дел од вкупно 1,1 милони евра, што милијардерот кој стои зад ова претпријатие ги донирал за партијата. Шест дена по пристигањето на парите на сметката на Либералната партија, за донацијата уредно е информирам претседателот на Бундестагот. Само пет дена подоцна партиите на владеачката коалиција во Берлин го потпишаа договорот за заедничко владеење.

Политика на протежирање

Токму ваквата временска поврзаност на уплатувањето на големата донација и заклучувањето на коалициониот договор, во кој како една од ставките стои намалувањето на даночната стапка за хотелиерите, е она што ги возбуди духовите во политички Берлин. Претседателот на опозиционите Зелени, Чем Ездемир вели: „Овде станува збор за протежирачка политика базирана врз тесни интереси. Временското совпаѓање на настаните нема преседан во досегашната германска политика. Сега се бара од канцеларката итно да стави на знаење дека ваква појава не може да се толерира. Сојузот 90/Зелени бара воведување ограничување на донациите од претпријатијата за партиите, така што нешто слично нема да може да се повтори!“

Претесни толкувања?

Генералниот секретар на Либералната партија, Линднер апелира до опозицијата да не ги набљудува донациите исклучиво како поддршка за политичко позиционирање на партиите. Во тој контекст на сличен начин би можело да се набљудува и големата донација на автомобилската индустрија за тогаш уште владеачката Социјалдемократска партија од февруари 2009 година. Само еден месец подоцна, на крајот на март, владата на канцеларката Меркел, во која помал коалиционен партнер беа социјалдемократите, ја зголеми премијата за откажување од старите автомобили и купување нови. Тоа и’ даде силен поттик на автомобилската индустрија, која беше во сериозна криза.

Но, либералите немаат намера така да дискутираат, порача генералниот секретар Кристијан Линднер. Намалувањето на даночната стапка за хотелската бранша се должи на тешката ситуација во неа, појасни Линднер: „Повеќе илјади вработени токму во помалите хотели мораат да стравуваат за нивните работни места. За нив сега има олеснување. Значи има повеќе причини за таквата политичка одлука на владината коалиција.“

Во дебата се вмеша и Транспаренси интернешенал: целата дебата би била беспредметна ако се воведе ограничување на донациите за партии од 50.000 евра годишно, како за претпријатија, така и за поединци.

Автор: Марсел Фирстенау/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска