1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остаре ли Фејсбук?

Кристијан Игнаци/ Симе Недевски19 ноември 2013

Бројот на млади корисници на Фејсбук постојано опаѓа. Значи ли тоа дека оваа социјална мрежа го губи чекорот со времето?

https://p.dw.com/p/1AKi5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фејсбук порасна, тврдат научниците кои го истражуваат однесувањето на младите на интернет. Тоа го потврдува и структурата на корисниците. Имено младите постојано се префрлуваат на други платформи кои се за нив занимливи. Вакво гледиште, на една конференција која се занимаваше со деловните активности на Фејсбук, изнесе и финансискиот директор на фирмата Дејвид Еберсман.

Во случај на нужда - проголтување на конкуренцијата

Но како што тврди Нилс Бриген, педагог специјализиран за медиуми, Фејсбук сѐ уште не треба да биде премногу загрижен поради тоа: „Оваа платформа е толку голема, така што засега не и‘ се заканува опасност“, вели овој стручњак од институтот ЈФФ од Минхен. Поинаква беше работата со платформата Студи-ВЗ која ги затвори порталите во повеќето европски земји. Проблемот е во тоа што специјализираните платформи можат да се развиваат само до одредени граници, вели Карстен Венцлаф од Институтот за комуникации и социјални медиуми од Берлин. Но тој смета дека Фејсбук добро се држи: „Би можело да се каже дека таа платформа остаре, но и тоа не е толку лошо“, објаснува Венцлаф. Имено, оваа компанија се труди да остане атрактивна и постојано нуди новитети.

Deutschland Technologiekonferenz TechCrunch Disrupt in Berlin
Фотографија: imago/Rüdiger Wölk

Младите честопати се активни на неколку различни мрежи, на пример , тие користат Инстаграм за фотографии, а Снапчет и ВатсАп за муабетење. Сепак, експертите не веруваат дека Фејсбук ќе исчезне поради тоа. Доколку позицијата на таа компанија навистина биде загрозена, Фејсбук веројатно ќе ги купи конкурентските фирми, како што веќе се случи со Инстаграм.

Фејсбук веќе не е „кул“?

Но една од основните причини за тоа зошто младите користат други платформи е тоа што им пречи кога се на иста мрежа во друштво со своите родители, учители и тренери. „Тие не сакаат ни да излегуваат во исти кафулиња како нивните родители“, потсетува Венцлаф и додава дека една од причините е и тоа што на Фејсбук е тешко да се сочува тајна: „Поставките за приватност на Фејсбук се многу сложени. Само ретки корисници точно знаат кој што смее да види.“

Покрај тоа, Фејсбук се промени со текот на годините. На пример, на почетокот корисниците можеа да ги следат сите новости кои ги објавуваат нивните пријатели, но денес оваа платформа врши селекција. „Порано сѐ беше многу позанимливо“, вели Венцлаф, кој смета дека социјалната мрежа стана премногу комплицирана.

Сега е и полесно да се премине на друга платформа, објаснува Нилс Бриген:„ Порано луѓето не сакаа да користат други мрежи бидејќи не сакаа повторно да ги бараат стотиците пријатели. Денес тоа често се случува автоматски.“ И конечно во играта масовно влегуваат смартфоните, на кои се користи апликацијата ВатсАп која младите посебно ја сакаат.

Cryptoparty Köln älterer Teilnehmer
Фотографија: DW/R. Breuer

На децата им е потребна слобода

Вкупниот број на корисници на Фејсбук во Америка опадна за 1,2 милиона во првото тромесечје од 2013 година, покажуваат истражувањата. Сепак, тоа не е причина за тревога, бидејќи осцилациите во бројот на корисници се вообичаена појава. Освен тоа, нагласува Нилс Бриген, тие статистики не значат дека корисниците дефинитивно ги затвориле своите профили, туку дека на Фејсбук има помалку активни членови.

И покрај тоа, корисниците постари од 35 години главно му остануваат верни на Фејбук. Тоа лесно се објаснува - овие луѓе често се поврзуваат на страници кои се занимаваат со економија и политика и таму се информираат. Освен тоа, доволен им е само еден портал за поврзување со семејството и пријателите. Кај нивните деца работата е сосема поинаква - тие бараат нови простори каде можат да бидат послободни.