1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали фудбалските тренери смеат да бидат самокритични?

11 март 2012

Ако некоја екипа подолго не постигнува добри резултати, обично го менува тренерот. Но, ретко некој тренер јавно признава дека згрешил. Дали повеќе самокритика би штетела или користела?

https://p.dw.com/p/14J0N
Фотографија: dapd

„Тоа беше моја грешка“ - ваква реченица ретко се слуша од устата на некој германски тренер од Бундеслигата. Тие и така се постојано на мета на критика, па дали би требало и сами да се критикуваат и тоа уште јавно? Тренерот на ФСВ Мајнц 05, Томас Тухел, неодамна по поразот од Борусија од Дортмунд се осмели тоа да го направи. Марко Курц, тренер на ФЦ Кајзерслаутерн, кој е на самото дно на табелата на Бундеслигата, исто така. Тренерот на Волфсбург, Феликс Магат, од друга страна пак, со месеци изнаоѓа објаснувања и оправдувања за неостварените резултати на својата зимска трговија со нови играчи. И новиот човек на кормилото на берлинска Херта, Ото Рехагел, е еден од оние тренери кои критиките на своја сметка ги сметаат за навреда „на неговото Височество“, а камоли да покажат и ронка самокритика.

Fußball, Saison 2011/12, 1. Bundesliga, 12. Spieltag, 1. FSV Mainz 05 - VFB Stuttgart
Томас ТухелФотографија: dapd

Самокритика - луксуз кој не може секој да си го дозволи

Но, колку тренерите смеат, а колку би морале да бидат самокритични? Таа тема е дел од обуката во Келн.

„Тоа зависи од положбата на тренерот во клубот“, вели професорот кој таму ги подучува идните тренери, Вернер Миклер:

„Тухел, на пример, во Мајнц ужива силна поддршка и не мора да стравува од губење на работното место“.

Тој, значи, може да си дозволи самокритичност.

„Тактиката во првото полувреме денеска беше погрешен избор за овој натпревар. Лошата игра до полувремето денеска оди на моја сметка“, призна отворено Тухел по поразот од 1 спрема 2 од актуелниот германски првак.

Неговиот колега од Кајзерслаутерн беше уште построг кон себе и рече дека поразот на неговата екипа од 0 спрема 4 во Мајнц била најлошиот момент во неговата кариера, констатирајќи:

Fußball Bundesliga 23. Spieltag FC Augsburg - Hertha BSC SGL-Arena Augsburg
Ото РехагелФотографија: picture-alliance/dpa

„Лошо ја извршив својата работа“.

За разлика од Тухел, Курц во никој случај не може да биде сигурен во тоа дека тренерската фотелја не му се ниша.

Уметност на комуникација со јавноста

Спортските психолози меѓутоа сметаат дека е добро кога тренерите отворено комуницираат кон надвор. Тоа, објаснуваат тие, го симнува притисокот од екипата и им покажува на играчите да не бараат постојано меѓу себе виновник за неуспехот. И тренерот на Бајерн, Јуп Хајнкес, неодамна застана зад своите играчи и рече дека со оглед на успешниот прв дел од првенството, можеби во зимската пауза премногу се опуштил. Притоа нагласи дека како личност „одговорна за целата екипа“ и тој мора да преземе дел од одговорноста, односно да подлежи на критика поради лошите резултати на Бајерн последните недели.

Признавањето на грешките е одраз на сила и ја покажува човечката страна на тренерот, вели професорот Миклер, но истовремено предупредува од пречеста употреба, зашто тогаш станува одраз на слабост.

Fußball Bundesliga FC Kaiserslautern vs. FSV Mainz 05
Марко КурцФотографија: picture-alliance/dpa

Така емоционалните истапи на екс-тренерот на Хофенхајм, Холгер Станиславски, („Ќе ви кажам искрено, јас сум одговорен и ако не сум во состојба да ја доведам екипата да функционира тоа е моја грешка“), наидуваа на неодобрување во клубот. Бидејќи ни резултатите не беа добри, Станиславски брзо беше сменет.

Но, постојаните обиди на разубавување исто така не се исправни методи за суверен настап, велат психолозите. Во текот на своето школување идните тренери учат реторички и комуникациски вештини, мораат да „влезат“ во различни улоги, да развиваат стратегија на односи со јавноста. Но, ни најдобрата школа не може да им даде рецепт за сите ситуации во кои тренерите на професионалната фудбалска лига можат да се најдат и - се наоѓаат.

Автор: Дуња Драгојевиќ/ Ж. Ацеска

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска