1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дамаск глув за меѓународните критики

27 април 2011

И покрај растечкиот меѓународен притисок, властите во Сирија продолжуваат со остриот курс кон опозицијата . Генералниот секретар на ОН Бан ја осуди употребата на тенкови и боева муниција против мирните демонстранти.

https://p.dw.com/p/114Tt
Тенковите на сириската војска сега го имаат главниот збор во ДарааФотографија: dapd

Повеќе трупи, повеќе снајперисти - тоа е рецептот на претседателот на Сирија Башар ал-Асад за упориштето на сирискиот бунт - Дараа. Градот во близина на границата со Јордан и натаму изолиран од надворешниот свет. Тенкови и воени контролни пунктови ги блокираат улиците, а снајперисти, по налог на државното раководство, лежат на покривите на зградите во Дараа, јавуваат жители на градот кои успеале преку телефон да разговараат со своите блиски надвор од Дараа. Од „моќната рака“ на режимот не се поштедени ниту џамиите, изјави имамот на ал Омари џамијата во Дараа за арапската телевизија Ал Џазира:

„Кај нас нема вооружени банди. Ние сме граѓани на еден град во кој секој го знае секого. Кога војската навлезе во нашата џамија, депонираше таму оружје, а подоцна рекоа дека тоа им припаѓа на демонстрантите. Тоа е една од нивните лаги.“

Ban Ki Moon Pressekonferenz New York
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки МунФотографија: Picture Alliance/Photoshot

Виновни се странските подбуцнувачи

„Странски елементи подбуцнуваат хаос во Сирија“ - тоа е официјалното објаснување на државниот апарат за протестите уште од нивниот почеток, во средината на март. За жителите на Дараа тоа значи дека тие мораат да живеат со објаснувањето дека самите ја повикале армијата за да се справи со теророт. Од вчера затворена е и границата кон Јордан. Талеб Ибрахим, телевизиски коментатор верен на режимот, го пренесе официјалното образложение за ваквиот чекор:

„Воооружени лица навлегуваат од Јордан. Со затворањето на границата, Дараа повторно ќе биде безбедна. За тоа мора да се заинтересирани и двете држави.“

Советот за безбедност денеска ќе расправа за Сирија

Во меѓувреме расте и меѓународната критика за постапувањето на сириските власти против демонстрантите во Дараа.

„Жестоко го осудувам насилството против мирните демонстранти, особено употребата на тенкови и боева муниција со кои беа убиени и повредени стотици луѓе. Не треба ни да се говори дека сириските власти имаат обврска да ги заштитат цивилите и да ги почитуваат човековите права, што подразбира и почитување на правото за слободно изразување и мирно собирање“ , порача Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, по средбата на Советот за безбедност на ОН. Највисокото безбедносно тело на ОН , инаку, за денеска ја одложи дискусијата околу изјавата предложена од четири европски држави, во која остро се осудува примената на насилство против демонстрантите.

Автор: Улрих Лајтхолд/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фидановска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема