1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Даниелсон: Ги поттикнуваме страните да најдат решение за името

АТ/ миа7 февруари 2014

Директорот на Директоратот за проширување на ЕК, Кристијан Даниелсон денеска во Скопје порача дека ЕК ќе продолжи да ја поддржува Македонија, но за напредок е потребно да се најде решение за спорот за името.

https://p.dw.com/p/1B4pv
Фотографија: MIA

Европската комисија не е во позиција да ги почне преговорите за влез на Македонија во Европската унија сѐ додека двете страни не дојдат до решение за разликите за името, изјави генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

„Комисијата не е дел од оваа дискусија. Ги поттикнуваме двете страни да најдат решение и ги поздравуваме сите напори што се направени во таа насока“, рече Даниелсон, потсетувајќи на декемвриската одлука на Европскиот совет.

Дијалогот на високо ниво, како што истaкна пред студентите и медиумите, не може да ги замени преговорите за влез во Унијата.

„Тоа се два различни процеса. Но, дијалогот на високо ниво е важен за ситуацијата во која се наоѓа земјата денес, бидејќи дава можност таа да се фокусира на прашања важни за процесот на интеграција односно транзиција“, вели Даниелсон. Напредок, посочува тој, има, ако гледаме наназад во однос на настаните од 24. декември, но има уште прашања на кои што треба да се работи. Како пример во контекст на дијалогот на високо ниво тој исто така посочи и на рефорските процеси во делот на владеењето на правото.

Во Македонија, смета Даниелсон, има значаен прогрес во повеќе области како што беше наведено во Извештајот на ЕК. „Јасно е дека има прашања на кои треба да се работи особено во делот на владеењето на правото, функционирањето и ефикасноста на судството, медиумите и слободата на изразувањето, јавната администрација, ако и корупцијата и борбата против организираниот криминал“, рече Даниелсон.

Тој порача дека Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува Македонија овозможувајќи блиски контакти и дискусии со сите засегнати во земјата. Според него, брзината со која ќе напредува земјата зависи од она што ќе го постигне.

Даниелсон денеска на Правниот факултет „Јустинијан Втори“ во Скопје одржа предавање на тема „Предизвиците на проширувањето на Европската унија.