1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дарко Митревски: „Трето полувреме“ е емотивен филм што каснува за срце

Сузана Тодоровска-Павлоска12 септември 2012

Со нетрпение се очекува новиот филм на режисерот Дарко Митревски „Трето полувреме“, кој на 15 септември во Битола, со премиерна проекција ќе го отвори 33. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

https://p.dw.com/p/1678f
Фотографија: Darko Mitrevski

Причината е авторскиот кредибилитет на Митревски, но и целата политичка димензија што ја доби филмот. „Балонот што се дува цела година одеднаш ќе пукне на 27 септември кога филмот ќе биде пуштен во дистрибуција“, вели меѓу другото Дарко Митревски во интервјуто за Дојче веле.

Тој сака да раскажува туѓи приказни и тоа го прави во своето најново остварување кое пред се’ има извонредно силна емотивна страна. „Вредеа напорите да се истрча ’Трето полувреме'“, изјави Митревски.

„Од личен аспект - да, вредеше. На емотивен план „Трето полувреме“ ми значи многу- тоа е приказна што веќе 12 години сакам да ја снимам, завршам и едноставно - да заборавам на неа, затоа што се базира на некои лични познанства и контакти со луѓето кои биле учесници во таа приказна. Всушност, тоа е како некаков морален долг - раскажувам туѓа приказна најдобро што умеам“, објаснува Митревски.

Тоа е приказна за љубовта, фудбалот, холокаустот, моралните недоумици и животните искушенија кои стојат пред обичните луѓе во време на војна.

„Трето полувреме“ не се занимава со политички прашања, но допира болни теми

Филмот доби политичка „аура“ со жестоките реакции од страна на бугарските медиуми и историчарите. Митревски ги оцени како безумни реакциите на негледан филм, но и навредите упатени до него како автор дека во филмот користи јазик на омраза. Реакциите не престануваат, па и чешките копродуценти неодамна беа обвинети за „антибугарска пропаганда со пари од ЕУ“.

„Сите тие квалификации за тие напади ги кажав пред неколку месеци кога се' уште наивно верував дека кампањата што се води во Бугарија е дело на одредени кругови, „запалени“ глави, евентуално политички екстремисти ит.н. За жал се покажа дека ова е една добро организирана машинерија на режимот на Бојко Борисов, која ги разбуди сите свои „шрафови“ и медиумски и политички, да се работи против овој филм. Не може да се има став за негледан филм или за непрочитано сценарио. Тие се трудат веќе цела година филмот да не се појави, да ги спречат сите извори на неговото финансирање, прво во Македонија, па во Европскиот парламент и сега на крајот во Чешка, овој филм да не биде виден, барем не пошироко како што планирам и така, една приказна која била криена многу внимателно цели 70 години, да не исплива на површина. Тоа за што тие зборуваат, во овој филм го нема. Нема јазик на омраза, нема антибугарски ноти, нема ништо освен гола фактографија и човечки приказни“, изјави Митревски за Дојче веле.

Mazedonien Darko Mitrevski Regisseur
Дарко Митревски, македонски режисер и сценаристФотографија: privat

Приказна што ќе ја разбереш дури и да не знаеш каде се наоѓа Македонија

Правата за светска дистрибуција на филмот ги има американската компанија „Литл филм компани“.

„Јасен ми е стравот затоа што овој филм има реномирана американска 'сејлс' компанија, наградена со Оскар и која има големи амбиции. Освен што имам намера да го урнам својот претходен рекорд на гледаност со „Бал кан кан“, мислам дека ќе биде гледан и надвор. Универзалноста на приказната е она што ги плаши луѓето кои стојат зад овие оркестрирани напади веќе година дена. Јас би сакал овој филм едни на други да си го раскажуваат како еден нежен љубовен филм бидејќи зад него стојат многу емоции - емоциите што ги вложив јас како автор од една страна, но и на луѓето кои вистински ја живееле таа приказна“, вели Митревски.

Новиот филм во кој ќе заминам...

Историјата отсекогаш го фасцинирала па веќе работи на нови сценарија.

„Тоа е она што ме возбудува како автор, затоа што е страшно интересно да се прави реконструкција на тие луѓе и настани. Некои автори се држат до фактографијата. Јас сум да речеме таков, а некои автори како Тарантино си даваат слобода да ја менуваат историјата. Работам на две приказни паралелно. Едната е посветена на скопскиот земјотрес, а другата е добро познатата историска приказна - грабнувањето на Мис Стон. И двете имаат своја македонска и американска перспектива. И двете имаат љубовна приказна“, открива Дарко Митревски.

„Колку е добар „Трето полувреме“ ќе знаеме за 5-6 години“

Колку е добар филмот „Трето полувреме“, ќе може да се каже по неколку години, смета сценаристот и режисер Митревски.

„Не знам дали ќе има доволно критичност за ’Трето полувреме’ на почеток затоа што се крена толку прашина околу него, така што веројатно голем дел од луѓето ќе одат да го гледаат филмот со некое веќе формирано мислење. Ми се чини дека ќе треба да помине малку време. Особено за еден ваков филм кој е емотивен, народски кажано ’апе за срце’“.

Дали навистина „Трето полувреме“ е „најубавиот споменик што го изделкал“, како што изјави за еден домашен медиум?

„Јас сакав да изделкам убав споменик и сакав тој да биде голем, не по димензиите, туку по пораката што ќе ја носи во себе. Колку е убав тој споменик, ќе кажат туристите кои ќе се сликаат покрај него! 'Трето полувреме' ќе ми биде можеби најдрагиот спомен“, вели во интервјуот за Дојче веле режисерот Дарко Митревски.