1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дауен: негирањето на македонското малцинство во Грција е за жалење

Александар Методијев28 август 2012

Европската слободна алијанса реагира кај Кетрин Ештон со зголемени грижи од назначувањето на Ставрос Ламбринидис за висок претставник за човекови права. Европската политичка партија го смета него за несоодветен.

https://p.dw.com/p/15xXO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европската слободна алијанса, преку својот подмладок, минатата недела во електронска и пишана форма реагирала кај шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон за назначувањето на Ставрос Ламбринидис за прв специјален претставник на ЕУ за човекови права, дознава Дојче веле. Писмената реакција следува по објавеното соопштение на почетокот од месецов, во кое се изрази загриженост за изборот на Кетрин Ештон, бидејќи Европската слободна алијанса смета оти Гркот Ламбринидис е несоодветен за позицијата, поради односот кон Македонија.

„Одбраната на човековите права и малцинските права е сериозна работа во срцето на демократијата. Фактот дека господинот Ламбринидис одигра активна улога во официјалната доктрина на Грција, а истата линија се следи и во Бугарија, да се продолжи со негирање на постоењето на македонското малцинство е за жалење“, нагласува директорот на Европската слободна алијанса Гинтер Дауен во писмена изјава за Дојче веле.

„Фактот дека тој ќе треба да ги заштитува малцинствата низ цела Европа ги зголемува грижите. Поради тоа подмладокот на Европската слободна алијанса, со наша поддршка, го испрати писмото до г-ѓата Ештон“, додава Дауен.

Ламбринидис е несоодветен и неприфатлив

griechische Eu-Parlamentarier Stavros LAMBRINIDIS
Ставрос Ламбринидис, првиот специјален претставник на ЕУ за човекови праваФотографија: EP

Во писмото до Ештон стои оти „назначувањето на Ламбринидис е екстремно несоодветно и неприфатливо, бидејќи кандидатите за така висока позиција мораат да имаат докажана меѓународна и домашна репутација во заштитата на човековите права, како и соодветно искуство во справувањето со прекршувањата на човековите права“.

Во писмото стои и дека „Ламбринидис не само што нема добра репутација“ на овој план „во неговата татковина Грција, туку е познат и како агитатор во пропагандната војна на грчката влада против Македонија“. Европската слободна алијанса забележува дека Ламбринидис во неколку прилики користел навредливи зборови кон земјите-соседи на Грција.

„На крајно недипломатски начин тој дури побара од премиерот на Република Македонија одново да ја напише историјата на неговата земја, наместо да ја краде грчката историја“, стои во писмото до Ештон. Во него се дава пример и за односот на Ламбринидис кон Албанија.

„Тој ги брани правата на Грците во Албанија и е многу критички настроен кон албанската влада, но во исто време отворено го негира постоењето на македонското малцинство во Грција“, стои во писмото со кое се прашува шефицата на европската дипломатија како човекот што го назначила на позицијата ќе соработува со ОН на прашања за човековите права, кога не ги почитува препораките дадени од оваа организација и независните експерти, како што е Геј Мекдугал, во однос на македонското и турското малцинство во Грција.

Да почне да работи од својата земја

Европската слободна алијанса ја потсетува Ештон дека „Грција се‘ уште нема ратификувано многу од клучните меѓународни договори за човекови права“ и оти земјата има најлошо постигнување во Европа во однос на човековите права, за што сведочат извештаите од Амнести интернешнал, Хјуман рајтс воч, ОБСЕ, ОН и многу други организации и институции.

„Ако Ламбринидис сака да го подигне кредибилитетот во светот на ЕУ во однос на човековите права, тогаш тој најпрво треба да се осврне на прашањата за човековите права во Унијата, а посебно во неговата татковина Грција“, стои во писмото на Европската слободна алијанса, во кое се укажува дека Ламбринидис како член на грчката влада и на Европскиот парламент се држел до грчката реторика за непостоење малцинства во Грција.

Ештон без реакција

Дојче веле повеќе денови се обидуваше да добие став од кабинетот на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон за реакцијата на Европската слободна алијанса. Кабинетот одбра да одмолчи за овие реакции.

Atomgesprächen mit dem Iran in Moskau Catherine Ashton
За сега нема реакција од кабинетот на Кетрин Ештон за забелешките на Европската слободна алијансаФотографија: AP

Македонската влада, спротивно на Европската слободна алијанса, кон крајот на јули го поздрави назначувањето на Ламбринидис на функцијата специјален пратеник на ЕУ за човекови права истакнувајќи:

„Со именувањето на Специјален претставник, ЕУ испраќа силна порака за нејзината посветеност за понатамошно унапредување на човековите права и основните слободи, како во Европа така и во глобални рамки. Ставрос Ламбринидис, со својот политички профил и искуство ќе даде видливост на оваа значајна политика на ЕУ. Ова значајно именување во рамките на ЕУ претставува признание, но и поттик за Република Грција и за регионот на Југоисточна Европа за понатамошно унапредување на човековите и малцинските права, демократијата и владеењето на правото“, стоеше во соопштението од македонското МНР.