1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дачиќ за Косово: „Ние сме немоќни да ги спречиме“

АМ/бета25 јануари 2013

Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека прашањето за столчето на Косово во ОН е предимензионирано и никогаш не е споменато во разговорите меѓу Белград и Приштина, ниту е услов за динамиката на европските интеграции.

https://p.dw.com/p/17RRC
Фотографија: DW

„Прашањето за столицата на Косово во ОН го поставуваат приштинските власти, затоа што знаат дека процесот на независност не е заокружен без тоа. Тоа прашање не може да биде решено доколку не се расправа за целиот пакет за решавање на косовскиот проблем. За сега таа тема во ниту еден разговор не беше спомената“, нагласи Дачиќ.

Премиерот рече дека Србија не е подготвена да зборува како за споредна тема, како и дека тоа прашање за Србија е неприфатливо да и’ се поставува во таков облик.

„Ние ставот за Косово нема да го менуваме. Тоа е единствената работа која Косово не може да ја добие. Се’ останато најверојатно можат да го добијат. Не со наша помош, ама ние сме немоќни да ги спречиме. За ова прашање не можат без нас. Секој има некој адут во своите раце. Приштина ја има ЕУ, ние ги имаме ОН“, рече Дачиќ.

Амбасадорот на Германија во Србија Хајнц Вилхелм рече денеска дека неговата изјава за столицата на Косово во ЕУ не е добро протолкувана и дека тој по тоа прашање е на слична линија како и премиерот Ивица Дачиќ.

„Многу ми е значајно да биде јасно дека не реков оти столицата на Косово во ОН е услов за добивање на датумот. Јасно е дека тоа прашање некогаш ќе биде поставено, кога би се разговарало за целокупното решение на прашањето за Косово“, рече Вилхелм.

Српските медиуми пред два дена пренесоа дека амбасадорот на Германија во Србија Хајнц Вилхелм изјавил дека членството на Косово во ОН е едно од прашањата кои треба да се најдат „на маса“ во Брисел, како и дека Берлин сака односите меѓу Белград и Приштина да се подигнат на ниво на амбасадори.