1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дачиќ останува на курсот за поделба на Косово

Немања Рујевиќ/Борис Георгиевски13 јули 2012

Мандатарот за состав на нова српска влада, Ивица Дачиќ во интервју за ДВ вели дека ќе води политика на мир, стабилност и помирување. Не се откажува од идејата за поделба на Косово, која ја застапуваше како вицепремиер.

https://p.dw.com/p/15X7G
Фотографија: DW

Поранешен портпарол на Милошевиќ како иден премиер и бивш четнички војвода кој тврди дека во Сребреница немало геноцид како претседател на државата- комбинација која на многумина во регионот и во Европа не им влева доверба дека ќе водат политика на помирување. Но Ивица Дачиќ, во разговорот за ДВ вели дека веќе активно се вклучил во спроведувањето на таа политика.

„Пред неколку дена се видов со претседателот на претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, имавме многу корисен, срдечен и добар разговор. Разговарав и со претседавачот на Советот на министри на БиХ, а во следните денови очекувам во посета да ни дојде министерот за надворешни работи Златко Лагумџија. Тоа е политика на мир, стабилност и помирување“, вели Дачиќ.

Нормализација на односите со Косово

Помирувањето во регионот е едно од главните барања на ЕУ од сите републики во екс-Југославија. Србија притоа, како што вели Дачиќ, го има и „тешкото бреме на Косово“, доколку сака да добие датум за почеток на преговори. Дачиќ од ЕУ очекува јасно да се дефинираат условите околу Косово, а очекува и примена на постигнатите договори со Приштина, продолжување на разговорите, како и нивно префрлање на повисоко ниво.

Но не само тоа. Дачиќ планира да прекине со праксата на претходната влада, српските претставници да ги напуштаат собирите на кои присуствуваат и претставници на Косово како независна држава.

Сепак Дачиќ најавува и дека ќе опстои на претходниот став дека најдоброто решение е поделба на Косово, кој честопати го соопштуваше од позиција на вицепремиер во претходната влада.

Interview Ivica Dacic Innenminister Serbien
Ивица Дачиќ во разговор со новинарот на Дојче Веле, Немања РујевиќФотографија: DW

„За мене таа идеја е актуелна, но прашање е дали е актуелна за меѓународната заедница и за Албанците. И натаму верувам дека тоа е едно од најдобрите можни решенија. Мислам дека се’ остана на ниво на мое лично залагање кое не го поддржа никој ни во Србија. Сепак, тоа е помалку важно прашање од нормализацијата на односите“, вели Дачиќ.

Портпаролот на Милошевиќ

Што се однесува на минатото и имиџот на Дачиќ како екс-портпарол на Слободан Милошевиќ, Дачиќ вели дека не се осврнува на тие нешта:

„Милошевиќ е дел од историјата на партијата, а јас морам да гледам во иднината“.

Многу подобро минато немаат ниту новите партнери во владата на Дачиќ, преобратените радикали од Српската народна странка (СНС). Но според Дачиќ ни европските партнери не гледаат проблем во тоа.

„Кога разговаравме со претставници на ЕУ за ориентацијата на СНС и можната коалиција со нив, ни беше речено дека нема никаков проблем и дека единствен проблем може да биде доколку во владата влезе и ДСС на Воислав Коштуница, поради неговиот антиевропски став“, вели Дачиќ и додава дека новиот претседател Томислав Николиќ во очите на ЕУ е „еврофанатик“ и дека верува оти тој во европската јавност одлично се подготвил за преземање на должноста.

Новата српска влада, чиј мандатар ќе биде лидерот на Социјалистичката партија Ивица Дачиќ треба да биде изгласана на 23 јули. Од вкупно 15 ресори, 8 ќе и припаднат на СНС, 5 на Социјалистите и два на партијата на Млаѓан Динкиќ.