1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дачиќ сигурен дека Србија ќе биде наредната членка на ЕУ

АТ/макфакс/ бета4 октомври 2013

Премиерот на Србија изрaзи увереност дека неговата земја ќе биде 29. членка на ЕУ во наредните 10 години. Дачиќ во интервју за СиЕнЕн подвлече дека во тој контекст се одвива и дијалогот со Приштина.

https://p.dw.com/p/19tcL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Српскиот премиер Ивица Дачиќ изрази уверување дека Србија ќе биде првата следна членка на Европската унија, како и дека очекува тоа да се случи што поскоро.

„Ние сакаме Србија да стане членка на ЕУ што поскоро. Уверени сме во тоа дека Србија ќе биде 29-та членка на Унијата, бидејќи ова и е потребно и на Србија, и на ЕУ“, изјавил српскиот премиер за СиЕнЕн.

На прашањето како го гледа решението за проблемот со Косово, Дачиќ признал дека не е лесно да се најде решение за Косово, бидејќи во оваа фаза работите веќе отишле предалеку.

„Подобро решение можеше да биде изнајдено и многу порано, со што ќе се избегнеше и војната и напнатоста во регионот. Меѓутоа, ова не е дел од нашиот актуелен дијалог. Би сакале односите да бидат нормализирани и да постигнеме конечно решение“, рекол Дачиќ, потенцирајќи дека Србија не може и не сака своите проблеми да ги внесе во ЕУ.

„Секогаш јасно укажувавме дека не можеме и не сакаме да се обидеме своите проблеми да ги внесеме во ЕУ. Тоа е уште една причина зошто го водиме овој отворен дијалог (со Приштина) да ги нормализираме односите и да ги решиме проблемите пред да пристапиме во ЕУ“, истакнал Дачиќ. Тоа меѓутоа, укажал српскиот премиер, не значи дека Србија ќе ја промени политиката кога станува збор за признавањето на Косово.