1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дајте ни пустина, ќе ви создадеме струја

14 јули 2009

Иницијативата „Дезертек“ има за цел енергијата на сонцето, онаму каде прекумерно сјае, во Африка, да се претвора во електрична енергија и да се извезува во ладната Европа. Но каква полза од тоа имаат африканските земји?

https://p.dw.com/p/Ioss
Фотографија: DESERTEC Foundation

Во Египет сонцето сјае три илјади часови во годината. На лето температурите се искачуваат и преку 40 степени. Наместо справување со горештините со клима-уреди, би можело сончевите зраци навистина да се претвораат во енергија. Простор има повеќе од доволно: 96 проценти од земјата се пустина. Во Либија или во Судан не изгледа многу поинаку. Наместо да ги согоруваат вредните нафта и гас и да произведуваат субвенционирана струја, овие земји би можеле да создаваат сончева енергија и нафтата да ја продаваат или, уште подобро, да извезуваат еко-струја, зашто сончевите зраци не им се трошат толку бргу.

Магичниот збор гласи: Сончева термика

„Дајте ни пустина, ќе ви создадеме струја, и згора на тоа ќе ви ја откупуваме“. Вака би можел да гласи слоганот на „Дезертек“, и звучи примамливо, доколку реализацијата биде добра. Тоа, како прво, значи дека голем дел од струјата останува таму, каде е произведена - и тоа за прифатлива цена. Имено, доколку комплетната електрана биде испорачана од Европа, производството на еколошки чиста електрична енергија се’ уште би било прескапо. Во Египет киловат-час струја произведена преку колектори во моментов чини четирипати поскапо од конценционално произведената. Зошто владата од нејзиниот и онака скуден буџет би инвестирала во такви проекти?

07.07.2009 DW-TV Made in Germany desertec

Но, ако наместо комплицираните соларни ќелии би се користела само топлината од сонцето, сето тоа би било поекономично. Магичниот збор гласи соларна термика. Во овој случај водата се претвора во пареа и ги движи турбините - како кај секоја термоелектрана на гас или на јаглен, со единствена разлика, што топлината не произлегува од согорување, туку доаѓа директно од сонцето и, концентрирана преку огледало, ја затоплува течноста во една цевка.

Не звучи комплицирано, и воопшто не е. И токму тоа е шанса за Африка. Теориски, имено, би било сосем возможно, огледалото и цевките да се произведуваат таму, каде треба да се наоѓа термоелектраната. И доколку европските фирми го извезат неопходното искуство и машини, би можело некогаш дури и комплицираните блокови во електраната, со турбините и топлинските генератори, да бидат произведувани на лице место.

Од заштитата на климата профитираат сите

Тогаш африканската земја веднаш „би убила три муви со еден удар“: би создала работни места, би ги покрила сопствените потреби за енергија, кои во наредните децении насекаде во арапскиот свет драматично ќе пораснат, и прекумерната струја со добивка би и’ ја продавала на Европа.

Германските фирми, кои сега ставаат пари на располагање, тогаш не би заработувале толку многу, зашто не би испорачувале цели термоелектрани, туку само уште „ноухау“ за нивна изградба. Тие, меѓутоа, би останале вклучени како во извозот на струја во Европа, така и во инвестициите.

И она што веројатно е поважно: алтернатива за сончевата енергија во Африка останува атомската енергија. Египет веќе подолго време преговара со Русија за изградба на атомска централа, Либија пак има ветување за такво нешто од Франција. Ваквите изгледи се доволна причина за ангажирање за ширење на соларната термо енергија, која, прво, е неспоредливо посигурна, и второ, се произведува без испуштање на ЦО2. А од заштитата на климата профитираат навистина сите - во Европа, како и во Африка.

Автор на коментарот: Естер Сауб

Превод: Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска