1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да запре миграцијата на младите

Вера Тодоровска 18 март 2009

Дебарчани се познати по добриот соживот. Локалната власт досега нема направено којзнае колку, но сепак тие делуваат задоволно. Им фалат само повеќе работни места за младите кои се` повеќе ја бараат среќата во странство.

https://p.dw.com/p/HEio
Слика од ДебарФотографија: Petar Stojanovski

Дебар, европски град, регионален трговски центар, максимално искористување на прирордните ресурси, големи странски инвестиции, развој на малиот и среден бизнис, нови вработувања, еднаш засекогаш стопирање на миграцијата, нова пролет и убава иднина. Ова се главно ветувањата кои во изминативе денови ги изнаслушаа Дебарчани од кандидатите за место во локалната власт.

Соживот за пример

Дебарскиот регион, кој е еден најдаруваните од бога со природни убавини и богатства, е карактеристичен и по соживотот. Жителите, без разлика на етничката и верска припадност, ги делеле заедно сите убави нешта, радости и таги. Тие се делумно задоволни од она што барем досега е малку направено и убедени се дека тоа ќе биде добра основа за подобра заедничка иднина. Најдоброто нешто што досега е реализрано е реконструкцијата и проширувањето на дел од патниот правец Дебар-Маврово. Очекувањата се дека истото ќе се направи и со патниот правец кон Струга. Лошата состојба во која се наоѓаат овие две точки се смета за главна пречка за слабиот економски развој на регионот. Дебарчани се задоволни и од либерализацијата на визниот режим со соседна Албанија, за што сметаат дека е резултат главно на заложбите на локалната власт и невладиниот сектор.

Намалување на невработеноста

Сепак главниот и најголем проблем е невработеноста. Тоа е и главна причина за масовната миграција на илјадници жители од овој крај. Сепак Дебарчани не ги напушта оптимизмот за подобра иднина. Отворањето нови работни места е нивната главна желба. Тие се свесни дека само поголемата вработеност ќе ги задржи нивните деца да ја градат индината во родното место. На тој начин градот ќе живне и раздвиженоста ќе се чувствува во текот на целата година, а не само во летниот период кога доаѓаат печалбарите. Покрај социјалниот момент, за Дебарчани е важно изборниот процес да мине во фер и демократска атмосфера. На немилите настани од некои локални избори во последната декада од минатиот век, кога беше употребувано и оружје, тие не сакаат да си припомнуваат.