1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Да“ за слободата, „не“ за законот

Катерина Блажевска29 април 2013

Кај мнозинството новинари доминира ставот дека е потребна слобода, а не закон за медиуми. Причини и аргументи има многу.

https://p.dw.com/p/18OiP
Фотографија: Petr Stojanovski

Јавната дебата за нацрт-текстот на новиот закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, ги кристализира ставовите на медиумска заедница за овој законски проект. Кај мнозинството доминира ставот дека е потребна слобода, а не закон за медиуми.

Билјана Петковска, директор на Македонскиот институт за медиуми, вели дека предлог-текстот наместо да ги решава, има потенцијал да создаде нови проблеми. „Општите начела поврзани со слободата на изразување ги уназадуваат веќе постоечките усвоени стандарди во другите закони и уставот. Составот, форматот и надлежностите на новата регулаторна Агенција се спротивни на препораката на Советот на Европа. Тоа тело ќе биде своевидно министерство за медиуми со огромни надлежности. Толкава концентрација на моќ за една исклучително суптилна област како што се медиумите - е неприфатлива, и убедена сум дека ниту една сериозна европска експертиза нема да се согласи со тој концепт", вели Петковска.

Biljana Petkovska, Direktorin des Mazedonischen Instituts für Medien
Билјана Петковска, директор на Македонскиот институт за медиумиФотографија: DW

Таа советува при дигитализацијата да се води сметка медиумите на заедниците да можат да продолжат со работа, бидејќи трошоците за пренос на дигиталниот сигнал ќе бидат огромни и непропорционални со економските потенцијали.

„Ако до крајот на мај се усвои овој закон, Македонија ќе зaгуби многу. Се надевам дека државата навреме ќе реагира на овие критики и ќе го прифати најоптималното решение- да го усогласи постоечкиот Закон за радиодифузија со директивата на ЕУ, со што ќе се создадат законски предуслови за старт на дигитализацијата. За сите други прашања расправата да продолжи преку сеопфатен и инклузивен процес, без временски ограничувања", предлага Петковска.

Тврда регулација

Новинарите бараат во законот коректно да се вградат европските директиви за аудиовизуелни услуги, а не да се декларираат како цели зад кои всушност се кријат други намери. Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиумите потсетува што била примарната цел на законот, а до каде се стигнало. 

„Законот за радиодифузија е подготвен за ремонт, во смисла за техничко вградување на европската директива за аудиовизуелни медиумски сервиси. Но, тоа во моментов се користи за зафат кој ја шири регуалцијата надвор од радиодифузијата. Владата предлага концепт, во кој за првпат интеренетот и печатот се ставаат под т.н. мека регулација. Но, ако добро се прочита законот, таа регулација и не е толку мека - напротив! Законот навлегува дури и во односите во редакциите. Концептот е пример за опсесивна потреба за контрола врз медиумскиот простор и тој аспект овој закон е апсолутно неприфатлив, бидејќи води кон натамошно намалување на медиумските слободи и уништување на плуралноста на медиумите. Од тука станува јасно зошто претставниците на Владата упорно одбегнуваат јавни соочувања со медиумската заедница и го објаснува затворениот процес на негова изработка", заклучува Беличанец.

Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) потсетува што бараат новинарите. 
„Бараме решенија кои што ќе забранат лидер на политичка партија да има медиум. Бараме владата да утврди јасни критериуми како може да се рекламира во медиумите, да обезбеди одржливо финансирање МРТВ, да го ослободи од контрола Советот за радиодифузија, да изнајде механизам да ги ослободи новинарите од политичка и финасиска зависност. Законот не дава одговор на ниедно од овие барања", вели Селмани.
 

Naser Selmani
Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

Ограничување на слободата

За разлика од ЗНМ, Македонската асоцијација на новинари (МАН) го поддржува законот. Марјан Николовски, член на Управниот одбор на МАН вели дека донесувањето на закон за медиуми ќе го подобри медиумскиот простор.

„Носењето на таква законска регулатива не би требало да биде на штета на медиумите, туку напротив - од нивна корист. Особено, што со овој закон се регулираат и се прецизираат многу работи кои се однесуваат на статусот и правата на новинарите во Македонија, што е добро и треба да се поддржи. Ние имаме забелешка во делот кој се однесува на слободата на изразување и слободата на медиуми. Бараме членот 4 алинеа 3 да не постои или тоа прашање да биде дефинирано исто како во Уставот", вели Николовски.

Mazedonische Zeitungen am Kiosk in Skopje
Фотографија: AP

Тој член гласи: „Слободата на медиумите може да биде ограничена само кога и доколку тоа е нужно заради заштита на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавниот ред и мир, спречување немири и казниви дела, заштита на здравјето или моралот, заштита на угледот или на правата на другите, спречување за откривање на доверливи информации или заради зачувување на авторитетот и независноста на судската власт".

Освен овој член, кој е проблематичен за целата медиумска заедница, новинарите имаат забелешки и на казните за неспроведување на законот, кои се непропорционални со штетата. Исти казни се пропишани и за банални работи и за сериозни прекршувања, што укажува дека законот повеќе сака да казнува, отколку да создава поволен амбиент за работа на медиумите. На пример, има казна ако не се објави соопштение од државен орган или ако медиумот не повика на временската прогноза од УХМР, а нема казна за државните институции кои не им дале на новинарите информација од јавен карактер, иако законот предвидува обврска и во двата случаи.

Центарот за развој на медиумите, ЗНМ, МИМ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, деновиве продолжуваат со серијата јавни дебати за законот за медиуми, од кои треба да произлезат усогласени забелешки и ставови што ќе му ги достават на предлагачот.

Роковите се кратки, а забелешките многубројни.