1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да не заборавиме да се шегуваме

9 јануари 2011

Иако во Македонија недостасуваат играни хумористични серии, нивното место го заземаат сатиричните емисии од типот на „Еднооки“, во кои главни јунаци се политичарите. Како тие регарираат на јавното исмејување?

https://p.dw.com/p/QlMj
Фотографија: Anatoliy Stankulov

"Во една земја на која сите и` се смеат, на народот обично не му е до смеење. Само горните слоеви, кои добро живеат, ни се насмевнуваат или потсмевнуваат. Нашиот народ знае да се смее на добар хумор и сатира, но никогаш не бил злобен. Сатирата е литературен род што се бори против сите девијантни појави во општеството", оценува за Дојче веле Васил Толевски, познат сатиричар, кој ја има подготвено и издадено тритомната енциклопедија на балкански афоризми и сатири.

Пецко, Петко, Панчо - стрип јунаци во македонскиот печат. Најчесто излегуват нацртани од студиото на ДарМар. Потписот на Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, уметник и аниматор повеќе од четири децении стои под дневната доза на неговиот Пецко. Авторот е иницијатор на обновување на магазинот „Остен“ и Светската галерија на карикатури во Скопје.

Но, по три децении згаснува култната и слушана емисија за хумор и сатира „Хихирику“. Секоја недела во 11 часот, преку брановите на Радио Скопје таа беше барометар на рецензирање на политичките, соцјалните и родовите дисриминации, на општествените и соцјални карактери на обичниот човек. Зад „Хихирику“ стоеше екипа предводена најпрвин од починатиот Бошко Смаковски, но доминантно од инвентивниот Иван Крадак, заедно со група од најистакнати македонски актери.

„За жал, ’Хихирику’ веќе не се произведува, а како култна емисија ги обработуваше сите општетсвени девијации и морални бескрупулозности. Тоа беше хумор со чија помош Радио Скопје остана едно од насјлушаните радија и со кого растеа генерации“, истакнува Мира Костиќ, еден од експонираните политички репортери и коментатори на Радио Скопје.

Се` помалку се снима и долгогодишно препознатливата серија К-15, со познатото трио, предводено од Бубо Каров. Оваа ТВ продукција го внесе хуморот и како дел од маркетинг-кампањите, создавајќи гротескни ЕПП спотови за радио-телевизиска економска пропаганда.

Дрско отворените „Еднооки“ се` погледани

Mann mit Brille
„Глупостите“ на политичарите се главната преокупација на авторите на сатиричните содржиниФотографија: Fotolia

Во медимуите просоторот за сатира го освои анимираната емисија „Еднооки“, на продуцентската куќа „Контра банда". Авторот Борис Дамовски вели дека „Еднооки“ е катализатор на турболентните процеси во Македонија. „Ние сме дрско отоврени и разбирливо е што ни се испраќаат СМС пораки со ’благи’ предупредувања за страшниот крај на авторите".

Со сатира и имитација на говори, јавни настапи и дневни настани, сатиричната „Еднооки" ги исмејува актуелните политичари. Не се штеди ниту премиерот Никола Груевски, но главниот фокус е на опозицијата, пред се` нејзиниот предводник Бранко Црвенковски со неговите соработници, а потоа Али Ахмети од ДУИ, како и амбасадорите Ерван Фуере и Филип Рикер.

„Еднооки" е „дневна доза на сатира", вели авторот Борис Дамовски. На прашањето зошто Али Ахмети е во улога на милитаризиран командант на ОВК, тој одговора дека Ахмети никогаш нема да се ослободи од стигмата на воен лидер.

Младиот и талентиран новинар и водител Јован Постоловски станува се погледана ТВ ѕвезда со своето неделно шоу од коментари за дадени изјави или постапки на актуелните политичари. Цинизмот и сарказмот главно се насочени кон опозицијата, гафови и непромислени или нелогични изјави. Пред Нова Година се избираше изјава на годината, а на тапет се пратеникот Амди Бајрам, со парламентарната полемика дека тој е Кока-Кола за опозицијата, потоа опозиционерот Заев, кој во една пригода се закани дека кога СДСМ ќе дојде на власт, живи луѓе ќе јаде"... На рејтинг-листата се најдоа и премиерот Груевски, пратеничката Стефановска и министерот Бесими.

„До вакво шоу се стигнува со секојдневно следење на јавните настапи на политичарите, главно од власта, зашто таа и владее или е одговорна. За мене главна преокупација се лапсузите, незнаењето, злобата, нелогичностите во изјавите или јавните настапи", истакнува младиот Јован Постоловски, водител на шоуто „На рапорт со Јофе“.

„Сите се суетни“

Ervan Fuere, EU-Vertreter in Mazedonien, Nicola Gruevski
Ерван Фуере и Никола Груевски често се појавуваат како главни ликовиФотографија: Petr Stojanovski

Неделникот „Фокус“, пак, со децении го објавува стрипот што го црта автор под псевдоним Приватник, а текстовите ги пишува Стефан. Главните ликови по правило се актерите на власта, сега тоа е познатото трио: премиерот Груевски, неговиот советник Мартин Протуѓер и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков. Кога СДСМ беше на власт „Фокус“ се фокусираше на Црвенковски, неговата советничка Наташа Савова и партеникот Игор Ивановски - Шема.

„Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ пред пет години слатко се смееја на нашите стрип-јунаци од тогашна власт. Сега би сакал да ги видам како реагираат кога и самите се дел од сатирата и исмејувањето во нашиот стрип. Читателите убаво го доживуваат стрипот, но власта не, убедени сме дека и нејзините актери се суетни, како и предходниците", велат од „Фокус“.

Колку македонските политичари се суетни и како реагираат на критиките и исмејувањата во кои тие се главни јунаци, го прашавме пратеникот од владејачката коалиција Иван Стоиљковиќ:

„Сите се суетни, но колку им пречи во работата, колку знаат да го сокријат гневот. За мене Еднооки се освежување и понекогаш сакам да им се јавам за да го рестартираат мојот лик во таа хумористична анимација“.

Хуморот и сатирата се важни барометри за демократскиот амбиент на една земја, велат соговорниците на Дојче веле и ни посочуваат на се` побројните маскенбали, како форма на јавно празнење на енергијата на потсмевање со ликовите и настаните што се главни теми за чаршиските муабети.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Трајче Тосев