1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се ограничат ли мандатите на градоначалниците?

Свето Тоевски19 септември 2012

Колку повеќе наближуваат локалните избори, толку поактуелна станува заложбата на министерот за локална самоуправа Невзат Бејта со промени во законот за избор на градоначалници да се ограничат нивните мандати.

https://p.dw.com/p/16BNS
Фотографија: Fotolia/naftizin

Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта на крајот на минатата година оцени дека „треба да се изнајде механизам што ќе им овозможи на граѓаните да го повикаат на одговорност градоначалникот на општината и пред истекот на неговиот мандат, ако се незадоволни од неговата работа“.

Во изјава за ДВ, дадена сега, министерот Бејта ја реафирмира таа своја идеја: „Таквите градоначалници, од кои граѓаните не се задоволни, треба да сносат одговорност. Нивните мандати не треба да бидат неограничени и тие да можат да прават се‘ што ќе посакаат. Градоначалниците во РМ треба да се угледаат на тоа како функционираат нивните колеги во ЕУ и во САД. Градоначалникот треба да биде секогаш во служба на граѓаните. Има населени места каде што жителите и не ги знаат своите градоначалници, оти овие не контактирале со нив од моментот кога биле избрани.“

Mazedonien - Minister für Kommunale Selbstverwaltung Nevzat Bejta
Невзат Бејта смета дека градоначалници, од кои граѓаните не се задоволни, треба да сносат одговорностФотографија: DW

Од експертската јавност доаѓа категорична поддршка за Бејта. Агни Алиу, професор по локална самоуправа на Штуловиот универзитет во Тетово, истакнува: „Мандатите би требало да се ограничат. Некои градоначалници во извесен смисол се однесуваат апсолутистички. Тоа го покажува праксата на локалните самоуправи во Македонија од 1991 година наваму.“

„Апсолутната, доживотна власт, корумпира апсолутно“

Цитирајќи мисла на познат политичар од минатиот век дека „секоја власт корумпира, а апсолутната, доживотна власт, апсолутно корумпира“, Гордана Силјановска - Давкова, експерт за локална самоуправа од Државниот универзитет во Скопје, е категорична: „Една од браните против ваквите појави во локалната власт во земјата е ограничување на градоначалничките мандати: едно исто лице да може најмногу двапати едноподруго да се кандидира за таква функција. Никој не е незаменлив. Колку е подолго некој на функција, толку повеќе тој добива моќ.“

Енвер Пајазити, градоначалник на Брвеница, општина во тетовскиот крај, повикува на претпазливост: „Треба првин да се процени кој градоначалник сака да се кандидира повторно. Ако градоначалникот бил успешен и ако граѓаните сметаат дека тој ги вршел своите законски надлежности како што треба и согласно со нивните интереси, тогаш би било продуктивно тој да остане и натаму на таа функција.“

Enver Pajaziti Bürgermeister der Gemeinde Brvenica in Mazedonien
Енвер Пајазити: Ако градоначалникот бил успешен, би било продуктивно тој да остане и натаму на таа функцијаФотографија: DW/S.Toevski

Стојан Лазарев, градоначалник на Конче, општина во радовишко-струмичкиот крај, се спротивставува на предлозите за ограничување на мандатите: „Наместо да се постигнат позитивни ефекти, тоа ќе биде контрапродуктивно и демотивирачко, па и за испешните градоначалници. Никаде во светот не се ограничуваат вакви мандати со закон.“

Пајазити конкретизира: „Знаеме за градоначалници, кои се успешни во својата работа и кои ќе се кандидираат по четврти пат, затоа што граѓаните сметаат дека тие коректно ги застапувале нивните интереси. А на оној што го злоупотребува својата позиција, не треба да му се дозволи да остане до крајот на мандатот на таа должност. Оние што ги злоупотребуваат своите компетенции, тие треба да бидат казнети од страна на граѓаните на изборите. Не може со закон да се ограничуваат најмногу на два мандата, само затоа што некој друг ги злоупотребил надлежностите. За оној што такво нешто направил постојат надлежни служби, државна ревизија и други видови инспекции. Ваквите поединци за такви злоупотреби треба да бидат казнети со закон, но не за ограничување мандати.“

„Постои вакуум на механизми за контрола на одговорноста“

Професорот Алиу смета дека во овој момент „постои вакуум на механизми за контрола на одговорноста на оние градоначалници, кои работат спротивно на интересите и барањата на своите гласачи“: „Треба да се изнајдат и други механизми, со цел да се врши поголема контрола: еден е и со собирање потписи на гласачите, заради отповикување на градоначалникот. Но, за да може да се покрене таква иницијатива за прекинување на мандатот, треба да постои цензус за собрани гласови за таква цел, што ќе биде помал од 51 проценти од бројката на гласачи на бирачкиот список во таа општина. Засега овој механизам не функционира: треба да се собираат многу потписи за отповикувањето.“

Mazedonien - Professor Agni Aliu
Агни Алиу е за граничување на мандатите на градоначалницитеФотографија: DW

Силјановска - Давкова предлага: „Во законот треба да се прошири неспојливоста на градоначалничката функција со вршење бизниси и други профитабилни дејности. Таа проширена неспојливост да се однесува и на други дејности, не само за стопанските, кои градоначалникот не ќе може да ги извршува, поради судир на интереси.“