1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се оствари олимпискиот сон

СН/ЕМФ/миа/макфакс30 март 2012

Македонските ракометари се оптимисти пред настапот на квалификацискиот турнир за ЛОИ во Лондон, што ќе се одржи во Шведска од 6. до 8. април.

https://p.dw.com/p/14VKt
Фотографија: dapd

Македонската ракометна репрезентација на претстојниот квалификациски турнир во Гетеборг ќе се натпреварува за освојување на едно од првите две места, кое ќе и‘ донесе пласман на Олимписките игри во Лондон, што ќе биде остварување на соништата на оваа генерација. Противници на ракометарите на турнирот во Гетеборг, покрај домаќинот Шведска, се уште Унгарија и Бразил.

„Најважни натпревари во кариерата“

Селекторот Ѕвонко Шундовски полека го комплетира составот од кој се очекува да обезбеди прво учество за Македонија на една Олимпијада во екипен спорт.

„Сонот кој почнавме да го сонуваме со почетокот на Европското првенство, посакувам да го оствариме во Шведска со пласман на Олимписките игри. Играме се’ подобро. Имаме добро разработен систем, концепција која дава резултати. Противниците во овие квалификации се силни, но наше е да одиграме како што ќе замислиме. За натпреварот со Унгарија подготвуваме тактички варијанти кои досега не сме ги играле со нив“, изјави Шундовски на денешната прес-конференција.

Sport Handball EM Schweden gegen Mazedonien
Каква ќе биде поддршката од трибините во Чешка?Фотографија: picture-alliance/Pixsell

За Наумче Мојсоски натпреварите во Гетеборг ќе бидат од посебно значење.

„Овие три натпревари се за мене најважни во мојата играчка кариера. Посебно ќе го истакнам првиот натпревар против Унгарија кој треба да го одиграме тактички многу зрело. Доколку го добиеме, 90% сме на Олимпијада. Потоа играме со домаќинот и посакувам веќе на тој дуел да обезбедиме пласман на ОИ“, рече Мојсоски.

Контролни средби со Романија

Македонија во средата ги почна подготовките за овие квалификации со играчите кои настапуваат во македонските екипи, доцна вечерва треба да пристигнат интернационалците Кире Лазаров и Борко Ристевски, а Влатко Митков ќе пристигне на 1. април.
Пред заминувањето за Гетеборг македонските ракометари во Скопје на 1. и на 2. април ќе одиграат два контролни натпревари со репрезентацијата на Романија.