1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се прости, ама да не се заборави

10 јануари 2010

Кога во Израел учителите предаваат за германската историја, најчесто станува збор за нацистичкиот режим и неговите злосторства. Учениците пак би сакале да учат повеќе за Германија, каква што е денес.

https://p.dw.com/p/LN0e
Фотографија: AP/DW

Училишен час во училиштето Визо Лео Бек, нешто по девет часот наутро. Преку белата табла се менуваат стари филмски исечоци за младинските организации на Третиот рајх. 32 ученика учат во ова оделение, во кое на часот му се приоѓа со голем интерес.

Се дискутира, се потпрашува, некои ученици внимателно прават забелешки во нивните преносни компјутери. Ова не е прв час во единаесеттиот клас, на кој кој се говори за Третиот рајх, објаснува учителот Дорон Феслер:

„Во првата година на високите оделенија поминуваме околу десет часови со оваа тема. Но, кога ќе дојдеме до Втората светска војна и холокаустот, тогаш си земаме време од речиси цела школска година.“

Jüdische Schüler vor Karte Vorkriegseuropa
Израелски ученици пред картата на Европа пред Втората Светска ВојнаФотографија: AP

Спрегата Бизмарк- Хитлер

Речиси 200 страници во учебникот по историја ги исполнува владеењето на нацистичкиот режим и Втората светска војна и учениците мораат добро да внимаваат. Во нивните големи завршни тестови на крајот од училишната година холокаустот е централна тема.

Учителот Дорон Феслер меѓутоа не сака само да говори за фактите, туку и за односите во тоа време. Во старите филмски исечоци очевидци зборуваат за тоа дека пристапувале кон нацистичките младински организации пред се` поради чувството на заедништво. Ученикот Ејал ја разбрал лекцијата:

„Тоа биле едно младинско движење, секој бил дел од него. Не може да им се замери на луѓето, зашто тоа била општествена работа. Не велам дека треба да заборавиме, но треба да простиме.“

Колку холокаустот и нацистичкиот режим заминуваат подлабоко во историјата, толку помалу израелските ученици го поврзуваат тоа со денешна Германија. Тоа го покажуваат и искуствата на учителот Дорон Феслер. Иако израелската младина на часовите долго се занимава со Третиот рајх, на учебниот план се наоѓаат и други теми од германската историја. За израелските ученици таа започнува со Бизмарк, човекот кој со „железна рака“ ја обединил Германија.

„ Ние тоа го нарекуваме спрегата Бизмарк-Хитлер. Се обидуваме меѓу израелските ученици да создадеме колективно помнење. Тие треба да сфатат дека механизмите на нацистичкиот режим и расизмот всушност имаат корени уште во времето на Бизмарк. Тој во историските книги е претставен како голем херој, но тој владеел и со железна рака.“

Auschwitz Befreiung
Холокаустот е главна тема од германската историја во учебниците во ИзраелФотографија: AP

Германија во меѓувреме е близок сојузник на Израел

Ари Кизел е професор на универзитетот во Хаифа и истражува како германската историја се пренесува на училишните часови и во учебниците во Израел. резултатите од неговата работа гласат: учениците добиваат објективен и реален поглед на историските случувања. Во училиштето „Визо Лео Бек“, ученичката од единаесетти клас, Авигаил гледа на тоа малку поинаку:

„Работата е во тоа што ние на часовите всушност не ја изучуваме германската историја, туку онаа на нацистите и на Вајмарската република. Исто така сметам дека не мораме безусловно да ја учиме историјата на Германија, исто како и на Шпанија и на Велика Британија, зашто тоа не е со ништо директно поврзано со нас. Но, јас со задоволство би учела повеќе за Германија, каква што е денес“.

Во оваа точка ученичката и професорот Ари Кизел се согласуваат. Израелските учебници за историја, смета истражувачот, мораат итно да бидат проширени со неколку поглавја. Во спротивно учениците во Израел нема да дознаат за многу нешта со позитивен развој од поблиската историја, на пример дека Германија во меѓувреме е близок сојузник на Израел.

Автор: Ања Кох/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска