1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да успееш да свириш на Галичка свадба е мајсторство

Вера Тодоровска14 јули 2012

По триесет и шести пат, групата на познатиот дебарски зурлачија, Амди Балоски, ќе ги поведе гостите на прошетка низ историјата и ќе им свири на галичките младоженци.

https://p.dw.com/p/15Xmy
Галичка свадба
Галичка свадбаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Пискотници се слушаат од Галичник до Река. Зурлите и тапаните од Радика наближуваат во Галичник за да го означат почетокот на најголемата македонска свадба. По триесет и шести пат, групата на познатиот дебарски зурлачија, Амди Балоски, ќе ги поведе гостите на прошетка низ историјата и ќе им свири на галичките младоженци. Членовите на групата се менувале, но Амди останал верен на свадбата со најмногу сватови, богата со многу оригинални, единствени и неповторливи свадбарски обичаи и ритуали.

„Ова ми е 36 година. Дур сум жив, мислам, до последниот дамар дур ми чукат, значи ќе бидам до крај за Галичката свадба“ вели Балоски.

Уште како дете писокот на зурлата во него побудувала посебен немир. Почнал скришум да ја "позајмува" зурлата на која свирел дедо му Сало и татко му Бајрам и се обидувал сам да свирам на неа - се присетува моментно еден од најдобрите мајстори - зурлаџии во дебарско-реканскиот крај. По домашни веселби почнал да свири на 14 години. Но кога првпат дошол во Галичник имал голема трема.

„Јас првпат кога отидов да свирам на Галичката свадба, како млад, имав голема трема, затоа што ми велеа претходните пред мене, малку постари, пази таму ако не знајш ако нешто згрешиш неможиш да положиш, никогаш повеќе нема да одиш по вторпат. На Галичката свадба секој не можит, зашто таму се точно се покажува,онаа традицијата на македонската свадба, обичаите свадбарски, македонски. Таму ако случајно не ги знајш адети како што викаме ние тогаш тешко можиш да пробиеш“, вели Амди Балоски.

Амди Балоски
Амди БалоскиФотографија: DW

Што значи за еден музичар учество на Галичката свадба?

„Тоа е за нас голема чест, и голема чест едно и плус одговорност е поради тоа што имат многу обичаи, традиции и поради тоа што многу народ доаѓаат, значи од целиот свет да не гледаат, вели Амди.

На педесеттата по ред Галичка свадба шестгодишната љубов со обичаите традиционални за печалбарското село Галичник, ќе ја крунисаат Даница Тортеска, 27 год. и Трајче Лозановски, 29 год. ќе се игра свекрвиното и невестинското оро, езгијата, тешкото...Галичката свадба, која е организирана манифестација од 1963, во изминатите пет децении прерасна во туристичка атракција, која привлекува илјадници посетители од целиот свет. А Галичаните сега се сите тука, како што велат дома и ја почитуваат традицијата на нивните предци “Коге и да си за Петроведен дома да си“. Некогаш во Галичник се правеле по педесет свадби и секогаш околу верскиот празник Петровден кога печалбарите се враќале дома. Тоа најдобро го отпеал доајенот на македонската народна песна, галичанецот Александар Сариевски во песната „ Нарачуват бело Менде, порачуват“.