1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дваесет години од првите повеќепартиски избори во Македонија

11 ноември 2010

На 11 ноември 1990, на првите повеќепартиски избори во Македонија, победа забележа ВМРО ДМПНЕ. Тогашниот лидер Љубчо Георгиевски се присетува на историските моменти, идеалите, на остварените цели и големите разочарувања.

https://p.dw.com/p/Q5lT
Фотографија: Petr Stojanovski

На денешен ден, пред дваесет години, во Македонија се одржаа првите повеќепартиски парламентарни избори. Македонските граѓани ги правеа првите чекори во плурализмот, демократијата тропаше на вратата на системот кој се покажа неотпорен на бранот промени со кои беше зафатен источниот блок.

Еден од главните актери во овој историски процес беше Љубчо Георгиевски. Во разговорот за Дојче Веле со носталгија зборува за тој историски ноември:

„Емоцијата, енергијата, бранот на радост од тоа време се неповторливи. Тоа се времиња кои можат да се доживеат само еднаш во животот, односно многу генерации и воопшто не можат. Но, за жал, многу соништа останаа неостварени. Ако тогаш не‘ прашавте дали по дваесет години ја замислувате Македонија каква што е денес ќе ви кажев дека не ја замислував ваква.“

Prime Minister Ljubcho Georgievski
Љубчо Георгиевски зборува со носталгија за настаните пред две децении (архива)Фотографија: AP

„Во тоа време на политичката сцена имаше повеќе дух“

Многумина се сеќаваат на Георгиевски од тоа време. Долгокосото момче зборуваше за самостојна валута и фудбалска репрезентација кога многумина се обидуваа да ја спасат Југославија. Денес, политичката аура на Георгиевски е обременета со бројните контроверзи за неговото богатство стекнато кога беше премиер и уште повеќе со дилемите за бугарските чуства и лични документи кои ги поседува. Но, кога зборува за процесот на осамостојување, Георгиевски е нескромен во оценката дека се смета за еден од најзаслужните за тоа:

„ВМРО - ДПМНЕ во 1990 година имаше две цели: самостојна и независна Македонија и борба против југословенизацијата. Денешното ВМРО ДПМНЕ е главен креатор и носител на рејугословенизацијата на Македонија. Тоа не можам да го сфатам, ниту да се помирам со тоа.“

Parlament Gebäude in Skopje Innenansicht, Mazedonien
Парламентарните седници пред дваесет години се следеа како денес сапунските серииФотографија: picture-alliance/ dpa

Иако тогаш се трасираше демократијата, на политичката сцена имаше повеќе дух, категоричен е во оценките Георгиевски:

„Дискусиите во парламентот беа многу поинтересни отколку што се денес. Тогаш седниците од Собрание се гледаа како што денес се гледаат ’Кога лисјата паѓаат’.“

Да се прескокне сопствената сенка

Првиот парламентарен состав ја донесе одлуката за распишување референдум, прогласи самостојност, го донесе Уставот. Победник на изборите беше ВМРО ДПМНЕ, но младиот и неискусен лидер не успеа да формира Влада. Од денешна перспектива, тоа го смета за една од најкрупните грешки во неговата кариера:

„Пред да се формира првата влада ни‘ беше понудено да формираме коалиција со ПДП. Оддеднаш се создаде некое народно движење и некоја атмосфера пред штабот на ВМРО дека нема да се дозволи коалиција со ПДП. Ако се надминевме себеси и направевме коалиција, Македонија ќе имаше многу поинаква иднина.“

Дваесет години од овој историски датум, македонската демократија се‘ уште кревка, но полна со искуства, е исправена пред нови предизвици. Државата стана полнолетна, на транзицијата и‘ се гледа крајот, но допрва следува вистинскиот тест на зрелоста.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска